ЧЕТВРТО КОЛО: 11 ОКТОМВРИ – ПОБЕДА

ФУДБАЛ: СТОКМЕН РАСПОРЕДОТ НА ВТОРОЛИГАШИТЕ

– ПОД ИМЕТО КОРЗО НАСТАПУВА СКОПСКА СЛОГА

Пријатно изненадија, барем низ застапеноста со имињата трите прилепски второлигаши во распоредот за сезоната 2013/14. Сите уплатија по 8. 000 евра котизација, за Победа и 11 Октомври – Локалната, за Корзо – фузираниот клуб, скопска Слога. Практично, остануваат два тима за кои ќе навиваат фановите, бидејќи Корзо е поранешна Слога и мечевите ќе ги игра во Чаир.

Се очекува новото локално дерби, помеѓу 11 Октомври и Победа, предвидено за 31 август, во четвртото коло. На старот, на 10 август, 11 Октомври оди кај Маџари, а Победа е домаќин на Скопје. Покрај двата прилепски ривали, Лигата до 16 екипи ја дополнуваат: Скопје, Локомотива, Маџари, Корзо (Скопје), Тетекс, Руфеја Милетино, Дрита Боговиње (Тетово), Силекс (Кратово), Врапчиште (Гостивар), Миравци (Гевгелија), Новаци (Битола), Борец (Велес), Тиверија (Струмица) и Зајас (Кичево). Новите пропозиции велат: прво и второпласираниот тим влегуваат во Првата лига, седмо, осмо и деветто рангираните играат бараж со најдобрите третолигаши, а од 10. до 16. место, седум директно отпаѓаат во Трета лига.

Од 11 Октомври изразуваат огромна благодарност кон Локалната. Јавноста го отпиша клубот, но управата вложува во консолидација. Подготовките се забрзуваат наредните дваесетина дена. Се очекува задржување на младиот играчки кадар, кој успеа лани да стигне до опстанок на 13. место. Во исчекување е изјаснување на тренерскиот тандем Тони Наумоски – Дарко Крстески. Победа, лани седма под водство на Златко Петрески и Сребре Стефаноски, тренира 20 дена, со првата контрола кај Новаци (0-3). Вторник е тест кај Напредок во Кичево. Покрај Тони Мегленски, доаѓаат два – тројца од Пелистер, прво голманот Дарко Ристевски.

Loading