СВЕТИ МОШТИ ВО ПАРАКЛИС

ПОКЛОНЕНИЕ ЗА ЗДРАВЈЕ

Од 16 до 18 часот на 13. и 14. јули од 8 до 13 часот, во храмот “Свети Кирил и Методиј” – (Параклис), ќе се изложат реликвии, честичка од светиот, чесен и животворен Крст на нашиот Господ Исус Христос и делови од моштите на свети Теофан Затворник, свети великомаченик Пантелејмон, свети Серафим Саровски, свети Димитриј Ростовски како и дел од облеката на свети Јован Шангајски. На церемонијата на пристигнувањето на моштите ќе присуствува владиката Петар. Моштите на повеќето светители се донесени во Македонија од студентот по теологија на Светотроиоцкиот манастир во Џорданвил  – САД, г. Стојанче Андов.

Светите мошти се еден од најголемите докази за вистинитоста на нашата вера. Тие ја докажуваат и претставуваат вистината за човековото битисување и опстојување. Човекот од Бога беше создаден за нераспадливост, но поради гревот тој го заработи спротивното – распадливоста. На човечката природа, природно í е живеењето во нераспадливоста, која, пак, се стекнува преку очистувањето од гревовите и осветувањето. Доказ за тоа дека оваа состојба е наша природна состојба, се светите мошти на светиите, кои и по нивната смрт, остануваат нетрулежни – нераспадливи, бидејќи со нивното осветување преку очистувањето од гревот ја вратиле својата природна состојба. Затоа Бог преку нив ни го дава најголемиот доказ за големината и вистинитоста на нашата вера. Преку нив се случуваат безброј чуда, болни се лекуваат од разни  неизлечиви болести и многу луѓе од големи неволји се избавуваат. Бог ги дал моштите заради укрепување на верата на оние што веруваат и заради потврда на вистинитоста на верувањето на оние што не веруваат.          

Loading