ПОКРСТУВАЊЕТО НА ДВАЈЦА МУСЛИМАНИ

ПО ТРАГИТЕ НА СТАРА ФОТОГРАФИЈА

Една стара фотографија на ФБ профилот “Прилеп стари фотографии” кај протојереј Златко Ангелески предизвика интерес за тајната како настанала фотографијата. Тргнал да го открие авторот и сознанието пренесува да не падне во заборав настанот од 1913 година, кога двајца Македонци од исламска вероисповед со нивното крштевање преминале во христијанска вера.

Според ракописните на покојниот протојереј-ставрофор Борка Талески, фотографијата, на која е овековечено враќањето во прадедовската вера на двајца муслимани, пронајдена е во куќата на Иванка Дамеска. Фотограф во 1913 година бил Христо Димкар. Тој бил еден од основоположниците на македонската фотографија. Сликата е изработена на француски материјал со американска подлога – открива протојереј Ангелески.

На покрстувањето, муслиманите добиле нови имиња.

Со масовно присуство на граѓаните кај манастирот Свети Архангел Михаил во 1913 година покрстените биле заведени како Вукашин и Марко. Според сведочењата, двајцата биле Торбеши и одлично говореле македонски. На Вукашин му бил кум Петре Димитриевиќ – Србинот, а на Марко, синот на Петре – Јордан Петровиќ, кој подоцна бил директор на Гимназијата во Крагуевац. Вукашин подоцна бил момок и тутунски работник кај Тутевци, но и шанкуш и во 1941 година. Трагата му се загубува. Марко во 1922 година бил на Солунскиот фронт. Се сомничел за убиството на ученикот Балабаноски. Женет бил со вдовицата Гена, родена Кормушоска, а по маж Атанасоска, со која немал деца, а живеел во една трошна куќа во Вишне. Во 1943 година се губи и неговата трага. Овековечени се и Роканчето – кмет на Прилеп и околискиот управник Брајовиќ, додека пак од граѓаните, присутни биле неколку црковни одборници, меѓу кои Диме Сусуле, Стерју Ѓорѓиоски, Стеван Десоски – трговецот, Андон Ѓупчето – свирачот, Ордан Дајпопе, Владо Чкатра – кафеџијата, Ордан Локвенец – книжарот и Атанас Шемкоски –  мутавџијата. Свештеници биле отец Михајло Караџиќ, член на Духовниот суд на битолската епархија, отец Јован Смичкоски, отец Дамјан Пеливаноски и ѓаконот Никола Смичкоски – раскажува протојерејот.

Потенцира дека две деца држеле прасе, со кое се кажувало оти на покрстените ќе му се даде свинско месо. Многумина посведочиле дека Марко и Вукашин каснале од свинското, но по јадењето долго време повраќале и имале стомачни проблеми.

МАКЕДОНСКИ ГОВОРАТ ИСЛАМИЗИРАНИТЕ

Петвековната османлиска окупација на Македонија не само економски, туку и духовно не ја исколебала рајата да се одржи во гол живот и да ја одржи верата. Цели села на сила го менувале религиозното убедување и го примале Исламот. Податоците за исламизирањето датираат од XV век. Прво, примањето на Исламот било доброволно. За зачувување на имотите преминувале богати луѓе. Дел од христијаните се потурчувале да ја задржат земјата и братски да ја обработуваат со роднините, кои останале христијани. Турците првин сметале дека тоа ќе биде пример, населението да ја прими исламската вера. Откако спласнала исламизацијата, насилно се менувала христијанската религиозна определба. Најчесто се принудувале или се киднапирале женски членови за сметка на ослободување од даноци.

Македонците-муслимани, иако ја смениле својата вера го задржале македонскиот јазик. Ги задржале негувањето на адетите и традициите. Не се откажале од коренот и се чувствувале поврзани со христијанските празници и верувања како што се Ѓурѓовден, Митровден, Петковден, Варвара или Летник.

Loading