ГИЧЕСКИ ДВАПАТИ ЈУНАК

ИСТОРИЈА: ПРВОТО ВРАЌАЊЕ НА ПОБЕДА ВО ВТОРА ЛИГА

– Точно пред 50 години добиен е Ловќен со  1-1 и 0-1

На 23 јуни минаа половина век од првото враќање на Победа во југословенската Втора лига – Исток. Настанот не го забораваат ниту фудбалерите – актери, ни тогашните генерации навивачи.

Станува збор за квалификациски натпревари на Победа, првак на МФЛ. По првото отпаѓање од Втората лига, вториот бараж противник во 1962/63 бил црногорскиот Ловќен од Цетиње. Се мобилизирало градското раководство и на местото од дотогашниот играч и тренер Илија Игњатоски, доведен е Јанко Звекановиќ, некогашен првотимец на Црвена звезда. Помошник бил назначен Бела Илиќ.

По повлекувањето на голманите Благоја Келтаноски и Веселин Тофоски, останал само Круме Митрикески. Итно се барал голман за квалификациите. По совет на Бела Илиќ, паднала одлука да се отиде во Пула по исписница од ФК Истра за војникот Славе Гически.

– Ме повикаа од Командата на касарната, а таму беше мојот поранешен тренер Илиќ-Бела. Прашаа дали ќе í помогнам на Победа во квалификациите. Одговорив потврдно – се наврајќа на трката со времето Славе Гически.

Но, не можело на време да се фати воз од Загреб за Белград и Скопје.

– Адмиралот Мамула, се сети да го побара “шевролетот” на артистката Беба Лончар за да нé однесе до Загреб. За неколку часа бевме на загрепскиот “Колодвор”, а  оттаму Прилеп – кажува Гически, кој го пречекале на железничката станица во Скопје, а веднаш потоа со автомобил бил донесен во Прилеп, што се вели од кола право на терен. Првиот квалификационен меч со Ловќен дома на 23 јуни 1963 година, пред повеќе од 10.000 гледачи, завршил со реми 1-1.

На реваншот во Цетиње, Победа го совладала Ловќен со 1-0, со голот на Ангелески што било виза за второлигашки статус.

Loading