СИНИ СНЕГОВИ (4)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Замрзнатите сини езера на Никола како повторно да распукаа. Немо ја гледаше. Срцето на Ема почна силно да бие. Погледите им се кршеа неколку секунди. Никола замина. Ема повеќе не беше гладна. Гледаше во храната пред себа и се прашуваше зошто е толку дрска. Нешто, кај него, неконтролирано му го вклучуваше секогаш погрешното копче. До вечерта воопшто не се видоа. Кога влезе да го земе послужалникот, Ема се преправаше дека спие. Чувствуваше како ја гледа. Немаше храброст повторно да го сретне неговиот поглед. Гледаше во таванот и се обидуваше да открие што прави Никола според шумовите кои доаѓаа од дневната соба. Не можеше да биде сигурна дали спие или гледа некој филм на видео. Се обидуваше да мисли на некои други работи, но не успеваше. Вниманието í го одземаше дневната соба. Наскоро од неа се слушаше само крцкањето на дрвата што гореа во големиот камин. И ветерот стивна. Не í се спиеше. Се чувствуваше уште уморно и не се  обиде да проба да стане. Мислите ги насочуваше кон работите кои само пред неколку дена беа нејзина главна преокупација. Но, безуспешно, зашто присуството на Никола во бабината куќичка ја вознемируваше. Кој е тој и што бара тука?! Безброј пати се праша. Беше повеќе од очигледно дека случајно не е тука. Се прашуваше каде живее… Многу прашања í беа без одговор. Беше и подготвена да го викне и да го праша за сé што ја интересира. Се предомисли, мислејќи на повторната средба со неговите очи.

Го изгасна светлото во собата, надевајќи се дека побрзо ќе заспие. Дишењето како да í запре кога неколку минути подоцна слушна како тивко ја отвори  вратата. Силно го стегна покривачот со своите раце. Со полуотворени очи, крадешкум го посматраше. Никола, исправен пред вратата, проверуваше дали е сé во ред. Почекуваше да се осигури дали навистина спие. Се доближи до креветот, а Ема почувствува како срцето силно í чука. Ü беше страв да не ја чуе. Беше доволно блиску да види дека е по шорцеви. Телото како вајано се прекршуваше во слабите светилки, испраќани од пламенот на каминот од дневната соба. Посака да ги види неговите очи. Немаше смелост да го подигне погледот. Никола, како да í ги прочита мислите, и клекна. Ема цврсто ги затвори очите, обидувајќи се да го “држи” нормално дишењето. Здивот му го чувствуваше на лицето. Мислеше дека ќе експлодира од некое чудно чувство што í го опфати целото тело. Ü беше жешко, но трепереше. Никола ја поткрена со покривката погоре над рамениците. За миг, како да се двоумеше, но потоа нежно í ја истрга косата и ја распосла на перницата. Тргајќи го праменот од лицето, раката í ја допре кожата. Ема инстинктивно се повлече, вовлекувајќи ја главата длабоко во перницата. Чувствуваше како да í снемува здив. Како да беше зафатена во некаков вртлог. Се обидуваше да се спаси, а не знаеше од што и зошто. Не знаеше дали Никола уште е во собата. Не знаеше дали спие или е будна…

Кога ги отвори очите следното утро, им се израдува на сончевите зраци кои влегуваа низ прозорецот. Се чувствуваше силно, одморено и веднаш стана од креветот. Пак почуствува болка низ телото. Овојпат таа не беше толку страшна. Најпрво го отвори ширум прозорецот, но иако беше сончево беше прилично студено. Се потресе кога студениот воздух проструи низ собата. Потскокнувајќи, се облече топло. Седната пред тоалетното масиче и Ема размислуваше што да í стори на црната дива коса, која самоволно í се растураше по главата. Долго ја чешлаше, обидувајќи се да ја смири. Најпосле лабаво ја врза горе над главата. Се гледаше во огледалото задоволна од изгледот. Врз себе имаше тесни припиени фармерки и широка ролка. Ги пронајде очилата за сонце, ги стави околу вратот и  насмеана излезе од собата. Огнот во каминот тивко тлееше. Се беше во беспрекорен ред. Никола не беше тука, па на Ема како да í олесна. Пушти музика и ги отвори дрвените капаци на прозорците. Собата се исполни со многу светлина. Ема почувствува глад. Стави вода за кафе и појадуваше. Шмркајќи полека од топлото кафе, навалена во големата фотелја, почуствува како расположението í се смени. Веројатно од храната, си помисли дека премногу изедов. Почна да í биде здодевно. Се обиде да чита, да напише писмо за дома…, ништо не í одеше од рака. Се чувствуваше нервозно. Надвор не í паѓаше на ум да излезе. Не знаејќи што да прави, одеше од прозорец до прозорец додека не си призна дека ја нервира тоа што го нема Никола и дека веќе неколку часови го чека да се појави. Констатацијата толку ја изнервира што веќе беше лута како рис. Тој требаше  да се појави на вратата, таа врз него да ја истури сета лутина. Почна повторно да размислува за него. Иако мразеше, си призна дека неверојатно ја возбудува. Ја загубуваше контрола врз чувствата кога тој беше во близина. Ема одамна не се чувствувала така. Се потсети на неколкуте неуспешни врски. Мислеше дека е вистински вљубена. Но, набргу се покажуваше дека е далеку од вистината и од она што таа го посакуваше. Тешко си прецизираше што таа сака од својот “принц”. Вистина која многу ја болеше е дека сакаше да биде сакана. Нејзините врски беа површни и бледа копија на љубовта по која таа чезнееше. Долго време беше опседната со желбата да го најде вистинскиот човек. Барајќи го, се затвори во себе, чувствувајќи ја осаменоста како свој најверен љубовник, кој никогаш не ја повредил. Помислата на Никола и веројатноста таа да се заљуби, како да í ги алармира противбезбедносните уреди во главата. Знаеше дека не смее да си дозволи уште една грешка. Мислеше дека не знае да се заљуби. Така сама се успокојуваше. Мислеше дека вљубен човек и не може да реагира толку цинично, а тој веќе сигурно ја мрази… Низ телото í поминаа морници кога се сети на неговите очи. Се обидуваше да најде логично решение за неговото присуство во куќичката. Беше сосема јасно дека се чувствува и се однесува како да е дома. Се обиде да го замисли како љубовник на својата баба. Идејата колку што í изгледаше грозно толку беше и можна. Не беше сигурна за неговите години, околу 35,  можеби… Знаејќи како баба í доста држеше за нејзиниот изглед и со 60-те години наликуваше на жена која одвај ја преминала четириесет и петтата година, веројатноста за љубовна врска меѓу двајцата беше  повеќе од можна. Ема се запрепасти. Ги замислуваше двајцата далеку во планините меѓу снеговите, небото и ветрот. Баба í често престојуваше овде сама. Ема разбра дека не била сама. Имала доволна причина постојано да е овде.

Почувствува дека ја боли главата. Си свари чај со намера да ги отргне мислите од главата. Ја распушти својата коса, се пресоблече во тренерки и видно нерасположена, нервозно шеташе низ собата. Чајот не ја смири. Отиде од спалната соба да земе апче. Кога го виде лежајот, помисли што Никола и баба í правеле тука. Ü се стемни пред очи. Се чувствуваше како глупава гуска, која малку требаше да биде “сварена” од љубовникот на баба í. Знаеше дека ни миг повеќе не може да остане. Голтна апче да ја ублажи главоболката и почна да се пакува. Реши веднаш да замине штом тој ќе се врати. Ќе го замоли да ја однесе до селото, а потоа не сакаше никогаш повеќе да се сети на престојот. Се спакува, торбите ги смести до излезната врата и, со виндјакната во рацете, нетрпеливо чекаше. Мораше да го чека зашто, не сакаше уште еднаш да се загуби. Времето бавно врвеше. Минутите í станаа  часови. Никола го немаше. Се бореше со солзите и лутината кои и надоаѓаа како река. Надвор пак почна да дува ветер и да паѓа снег. Како да беше фатена во стапица. Почна да се стемнува, а од Никола ни трага, ни глас. Помисли да излезе пред вратата и да вика. Се откажа, сметајќи дека е премногу глупаво. Не можеше да замисли, да остане уште една ноќ со него. Го презираше и мразеше, и него и својата мртва баба. Како времето одминуваше, така Ема сé повеќе се обвинуваше за “незрелиот” планински излет. Се каеше за одлуката да дојде. Гледајќи дека Никола го нема, а надвор беше веќе мрак, Ема го одложи заминувањето за следното утро. Беше доцна. Неразумно е да инсистира да замине среде ноќ. Реши ноќта да ја мине на фотелјата пред каминот. Зеде перница и ќебе, и се обиде удобно да се смести. Тоа беше залудно, бидејќи се нервираше зошто него го нема. Поминаа уште неколку часови.

(продолжува)

Loading