МАНАСТИРОТ СТАНА СЛИКАРСКО АТЕЛЈЕ

ШЕСТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА ДРЕН

Сликарски души од земјава и странство една недела го окупираа манастирот Дрен “да се хранат” од живописниот предел и да ги пренесуваат мотивите на платно со четка и бои. Ателје под ведро небо е претворен манастирскиот комплекс. Низ парковите на манастирскиот двор, се распослале петнаесетина уметници со штафелаите и четките за сликање, убоста од очите да ја претворат во уметност со разни колорити. Низ балконите, тарасите зрачи сликарски набој. Духовниот мир од храмот, кај уметниците ја потхранува креативната сила. Се полнат со мотиви од природната дарба, 15 учесници на шестото издание на сликарската колонија Дрен, организирана од ЦК “Марко Цепенков”.

Сликарите од Македонија, Русија, Бугарија и од Словенија не го кријат задоволството што, како што велат, творат во рајот Божји. Задоволни се од организацијата, од дружењето, од можноста за размена на искуства.

– Радосна сум и среќна што сум тука. Сум учествувала и на други колонии, но овој простор е вистински рај. Не само што се дружиме, разменуваме искуства, туку и твориме со несмален интензитет – вели Николета Стојчевска.

Светлозар Недев од Бугарија е воодушевен:

– Инспирацијата веќе “донесе” три дела на тема апстракција. Сликите се продолжение на мојата изложба со која се претставив пред вашите сограѓани – вели Недев.

Восхитени се од амбиентот руските уметници Светлана Вахнина, Александар Белугин и Малка Малкова.

– Местото е создадено за колонија. Многу сум среќна што дури од Москва допатував да бидам дел од природниот раскош кој ме предизвикува и облагородува да сликам. Запознав нови колеги со кои ќе останеме во контакт – вели  Малкова.

– Природна реткост полна со инспирација за сликање. Создадов неколку дела. Скицирам стихови да го овековечам престојот. Ќе објавам сликовница со графики во Москва – вели Белугин.

– Има тука доста енергија, многу сонце, многу радост. Полни сме елан за творештво – вели  Вахнина.

Организацијата и топлиот прием го нагласуваат Лучка Шпаровец од Словенија, Корнелија Марган и Павлинка Копано од Бугарија и македонските уметници Силвана Атанасовска, Владимир Кнежевиќ – Путец, Олгица Антовска, Богданка Барутовска, Елица Димитрова, Тони Чатлески, Христина Зафировска.

Создадените дела ќе бидат претставени на изложба што традиционално Центарот ја има на почетокот на септември, на завршницата на Прилепското културно лето.

Директорот на Центарот Тони Чатлески се гордее што за кусо време, со малку средства, колонијата се кренала до ниво на бренд во ликовната уметност во Македонија.

Loading