КРИВУЛЕСТА ВИЈУГА

Лекарски преглед. Специјалистички. Докторот (ката) од Скопје. Интернист. Прегледот како и обично. Но, речникот го “збогативме” со уште еден туѓ збор. Грешките – ЗАПУШЕНИ (наместо затнати) крвни садови, ОТКУЦАИ (наместо отчукувања) на срцето, ги слушаме редовно. И од нашиве лекари. Но, сега се сретнавме и со еден друг збор кој не е наш и не ни е потребен. Во лекарскиот (специјалистички) извештај меѓу другото, пишува – “Десната АКИ артерија ИЗВИЈУГАНА”. Грешката е очевидна, но, си рековме дека треба убаво да провериме. Се разбира, во македонските речници овој збор не е одбележан. Во српскохрватско – македонскиот речник го има. Неговото значење е објаснето со повеќе македонски зборови. Првото објаснение е дека тоа е БРАЗДА (мозочна). Нели, мозочните бразди се кривулести. Потоа, стојат зборовите – ИЗВИВКА, КРИВУЛКА, СВИОК, ЗАВИОК. Глаголот ВИЈУГАТИ (се) е преведен – СЕ ИЗВИВА. Придавката ВИЈУГАВ  (вијугаст) е објаснета – кривулест, змијулест. Јасно е дека зборот ВИЈУГА не е наш. Го употребуваат некои луѓе кога сакаат да кажат дека некому му сече умот на некој специфичен начин. Така му работела “вијугата”. Докторката имала на располагање повеќе зборови да ја објасни формата на десната артерија. Можела да рече дека артеријата е КРИВУЛЕСТА, ИЗВИЕНА, ЗМИЈУЛЕСТА и така натаму. Таа се определила за српскиот збор – ИЗВИЈУГАНА. Грешката станува поголема што докторката (и не само таа) мисли дека е тоа наш збор. Е, ама ние, ги отфрламе нашите зборови, а лесни ги прифаќаме туѓите. Најтрагичното е тоа што многупати и не знаеме дека имаме соодветен збор за определен предмет или поим. Тогаш, веднаш трчаме на “пазарот” на зборови во српскиот јазик и оттаму си купуваме (бесплатно) сé што ни е потребно.

Повторно нешто во врска со квизот кој се емитува на МТВ. Кој можеше да претпостави дека токму оваа емисија ќе ни биде честа тема. Можеби има и зошто. Грешките се честа појава. Овојпат забележавме едно прашање или поточно, одговорот на тоа прашање. Требаше да се погоди еден збор, еден поим. Тој збор бил ОСНОВ. Зошто водителот на квизот го употребува овој збор? Зошто лекторот го допушта тоа (ако го допуштил)? Оваа именка во македонскиот јазик е од женски род – ОСНОВА. ОСНОВА на коцката, ОСНОВА на куќата, ОСНОВА на искажаниот збор. И којзнае уште колку ОСНОВИ. Дури и во ткаењето се употребува. Кога се ткае нешто се користат ЈАТОК и ОСНОВА. Во времето, постарите луѓе, тој збор го користеа мошне често. Од новинарите и од некои административни службеници честопати ја слушаме оваа именка во машки род. Слушаме дека тој и тој човек не бил осигурен по ниеден ОСНОВ. Или, според тој и тој законски ОСНОВ, требало да се постапи така и така. Тоа е под влијание на српскиот јазик “На основу тога”. Инаку, именката секогаш и секаде треба да  биде ОСНОВА, во женски род. Каде ја нашол водителот на квизот именката ОСНОВ? Дали некој му ја сугерирал или пак тој самиот ја “измислил”? Врз која ОСНОВА го направил тоа?

Овие денови мошне актуелно беше тоа што се појавило беснило кај мачките. Навистина, тоа е многу опасна појава. Беснилото е опасна болест. Зборуваше на оваа тема лекарка на некоја од нашиве телевизии. Чудно е, зошто и таа, како и сите наши новинари, не вели дека беснилото е смртоносно ЗА ЛУЃЕТО, туку вели дека беснилото е смртоносно ПО ЛУЃЕТО. Многу честа е погрешната употреба на предлогот ПО наместо ЗА. Опасно ПО животот, опасно ПО здравјето наместо опасно ЗА животот, опасно ЗА здравјето. Предлогот ПО во најголем број случаи има пространствено значење – ПО мене, ПО вода, ПО скали и така натаму. Има и други значења но никако не како предлогот ЗА кога се спомнува за цел или за причина – леб ЗА јадење, апчиња ЗА притисок, лек ЗА здравје (никако не ПО здравје).

Понатамошното објаснување би било долго и широко, а изразот – “Беснилото е смртоносно ПО луѓето” е погрешен.

Благоја Ивчески

Loading