СИНИ СНЕГОВИ (3)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Излезе од своето засолниште и почна да вика:

– Овде сум помогни ми! Како одговор и се враќаше нејзиното ехо кое одекнуваше во далечините носено од ветрот.

Забележа дека станува се потемно. Повторно влезе во утробата на стариот бор, тресејќи се од страв и студ. Солзите í се слеваа низ лицето. Во мислите го молеше да ја најде. Минутите í се чинеа часови. Веќе беше сосема темно, само ветрот завиваше. Преплашено чувствуваше како студот сé повеќе í се провлекува под виндјакната. Не можеше ниту да мрдне. Со крајни сили се обидуваше да не заспие. Снегот се трупаше. Како во полусон слушаше како ветерот го носи нејзиното име. Одвај се насмевна, мислејќи дека тоа ќе биде последниот глас што го слушнала. Веќе и не се прекоруваше што си дозволи да дојде сама тука. Ја фати некое чудно спокојство. Како да ги чекаше ангелите да се појават и да ја понесат на крилјата на некое суво и топло место. Пред неа блесна чудна светлина.

– Овде сум побрзајте – им довикна Ема – веќе помислив дека и вие на мене заборавивте…

Ема почна хистерично да се смее.

– Не мислев дека ќе бидам пресреќна кога ќе дојдете. Повеќе не ми студи… Дајте ми ги крилјата да се свијам во нив и да заспијам, многу ми се спие…, многу ми се спие.

Веќе спиеше кога двете силни машки раце ја извадија од нејзиното засолниште, ја свиткаа во неколку кебиња и ја понесоа дома… во бабината планинска куќичка.

Кога се разбуди мислеше дека е во рајот, а токму таму  истата спална соба како во куќичката. Се чувствуваше уморно. Проба да се помрдне, но почувствува силна болка што и помина низ телото. Почна да ја притиска силно тежината на неколкуте покривки што ги имаше врз себе. Не беше во состојба ниту да ги турне од себе. Немоќна речиси прошепоти:

– Има ли некој овде да ми помогне ?

Од нејзината лева страна за час се исправи еден грамаден човек. Ема се исплаши. Беше без бунда и без капа, па не беше сигурна дали станува збор за нејзиниот натрапник. Кога нејзиниот поглед се сретна со неговите очи, знаеше дека е тој.

– Оф, не – простенка Ема, не ти и овде.

– Биди мирна и немој да зборуваш. Имаш среќа што успеа да преживееш. Штеди ја силата, ќе ти треба ако сакаш побрзо да закрепнеш – í рече непознатиот со длабок глас, кој како да го забрза движењето на крвта во нејзините вени.

– Не сум мртва… – несигурно повеќе за себе, отколку да го праша повторно прошепоти Ема.

Сега веќе посвесно ја согледуваше својата “бедна” ситуација. Одвај забележлива насмевка прелета преку нејзиното лице.

– Што со ти, мојот ангел чувар? – цинично го праша.

Без збор непознатиот излезе од собата. Ема ги затвори очите, му беше  благодарна што ја најде и ја спаси, но неговото присуство ужасно ја нервираше. Некако,  не можеше да го “свари”. На звукот на вратата ги отвори очите. Непознатиот и носеше чај. Иако не сакаше, се слушна себе си како му вели:

– Јас, ништо не побарав. Ако сакаш да знаеш што ми треба, ќе ти кажам. Не сакам повеќе да те видам!

Без никаква реакција, како да не ја слушнал í го подаде чајот и си седна на местото каде што предходно седеше. Се смести удобно на столицата и ги затвори очите. Силните долги нозе ги испружи на креветот. Ема како да збесна. Светкавици и излегуваа од очите. Беше немоќна било што да стори, па во знак на протест, чајот не го ни вкуси. Наскоро забележа дека нејзинот “ангел чувар” задрема. Отпрвин и тоа  ја нервираше, но забележа дека неговото длабоко рамномерно дишење како да ја смири. Слушајќи го како правилно дише и таа заспа.

Ја разбудија капаците од прозорците кои силно тропаа. Дуваше силен ветар. Ја болеше секое ковче на снагата. Помисли каде е нејзиниот “ангел чувар”. Немир ја потресе благо. Што ако навистина си заминал, размислуваше, не требаше така да му речам. Ќе му се извинам кога ќе дојде и ќе бидам пољубезна. Сите добри мисли и паднаа во вода кога тој повторно се појави.

– Сакаш да јадеш – остро ја праша не погледнувајќи ја.

– Јас сум Ема, ако тоа нешто ти значи. И ако веќе морам да те трпам, тука би сакала, ако е тоа можно… да го знам твоето име? – луто му се обрати.

– Никола.

Ема одеднаш почна силно да се смее. Се смееше додека солзи не í излегоа од очите. Се обидуваше да престане, касајќи си ја долната усна, ама не можеше. Никола ја гледаше бесно. Неговите сини очи потемнеа.

– Ако нешто ти треба, викни ме по име – луто í рече и, трескајќи ја вратата зад себе, ја остави сама.

Ема уште дого не можеше да се смири. Само што ќе посакаше да го викне ја фаќаше смеа. И самата не знаеше што толку ја предизвикува смеата. Чувствуваше дека страшно е гладна. Кога конечно успеа да го смири нападот на смеа, му викна.

– Никола !

Никола го немаше. Му викна уште неколкупати. Од него ни трага ни глас. Се изнервира.

– Дојди и донеси ми нешто да јадам, зашто не можам да издржам – викна толку силно што и самата се зачуди.

Неколку минути беше тивко, а потоа затропаа чинии и чаши. Подготвена го очекуваше да влезе. Се подисправи на перницата и се убедуваше да не се смее кога ќе влезе. Никола влезе со суров израз на лицето. Како да не ја гледаше. Пред неа постави голем послужалник со неколку оброци и еден сок од портокал. Ема почувствува потреба да му се заблагодари. Наместо тоа ладно го брецна:

– Следниот пат кога ќе ти викнам, јави се веднаш.

(продолжува)

Loading