ЗОШТО СУРУТКА, А НЕ СИРАТКА

Може ли понекогаш да згрешат и тие што знаат најмногу? Можно е. Донесуваме таков заклучок и без да бидеме наполно уверени во тоа дека имаме право. Еве, ќе го изнесеме нашето мислење, па макар и да е погрешно. За што станува збор? Ќе објасниме!

Пребарувајќи, случајно, во Речникот на Зозе Мургоски, го сретнавме зборот СУРУТКА. Тој збор нам ни е познат како СИРАТКА. Брзо – брзо бараме во Речникот (тритомниот), чиј редактор е Блаже Конески. За големо изненадување и таму пишува СУРУТКА. Така е и во новиот Толковен речник на македонскиот јазик. И во трите речника даден е и зборот ЦВИК (цвика) со истото значење на сурутката. Во Правописниот речник, исто така, стои – СУРУТКА. Почнавме да размислуваме. Консултиравме повеќе луѓе од прилепскиот регион, па и пошироко. Сите велат дека треба да гласи СИРАТКА или ЦВИК.

Да тргнеме со ред. СИРИШТЕ! Што е тоа? Тоа е внатрешен дел кај животните преживари. Пред желудникот. Во Прилеп тој дел е познат како ШИРДЕН и од него се прави прилепскиот прехранбен специјалитет.

Некогаш, постарите си колеа јагне (цицалче), СИРИШТЕТО (ширденот) го сушеа. Неговиот внатрешен дел служеше за ПОТСИРУВАЊЕ, за правење СИРЕЊЕ. Сега тоа се прави со маја, индустриски производ. Значи, со СИРИШТЕТО се СИРЕШЕ (се потсируваше) млекото. Откако ќе се добие маса, слична на кисело млеко, се става во цедило и така се исцедува течниот, непотребниот дел. Течноста што се исцедува се вика СИРАТКА. Ако се извари и ако се процеди и таа течност се добива ИЗВАРКА, а при цедењето на изварката се добива ЦВИКА. Така останало во нашето сеќавање. Сега, некои, ЦВИКА ја викаат и течноста што останува од сирењето при цедење. Тоа е всушност СИРАТКАТА.

Со СИРИШТЕТО се СИРИ, (се потсирува) млекото. Луѓето ќе речеа – “Има многу млеко за СИРЕЊЕ. Денеска ќе СИРАМ”. Се гледа дека зборот СИРИ (сирам, сириш, сири) е глагол. А зборот СИРЕЊЕ е глаголска именка. Таа означува некое дејство кое трае. Но ете, глаголските именки добиваат понекогаш и именски форми. Така е и глаголската именка СИРЕЊЕ. Во свеста на луѓето таа веќе го загубила глаголското дејство и ние ја примаме како предмет кој се вика СИРЕЊЕ. Има повеќе такви случаи. На пример, глаголската именка ТЕПАЊЕ, означува определено дејство. Кога некој тепа, тој дејствува, врши тепање. Но ако речеме дека – “Тепањето е излезено од рајот”, тука веќе, зборот ТЕПАЊЕ претставува именка која се дистанцирала од глаголското дејство.

Но, да не се оддалечуваме од главната мисла, од главната дилема што ни се наметнува. Имаме СИРИШТЕ, имаме СИРЕЊЕ (потсирување) и имаме СИРЕЊЕ како именка. Имаме и именка СИР. Таа обично се употребува за биеното сирење. Може да биде поголем СИР или помало СИРЧЕ. Во сите овие зборови основата, коренот е СИР. Зошто тој корен да го нема и СИРАТКАТА? Тоа е нуспроизвод од СИРЕЊЕТО, исцедок. Зошто да не се вика СИРАТКА туку СУРУТКА?

Си земаме право да тврдиме дека зборот СУРУТКА е погрешно одбележан во сите наши речници. Можеби во некои краишта од нашава земја и да се вика СУРУТКА. Но, претходниот заклучок не наведува на тоа, да мислиме дека е грешка. Ќе се обидеме да го најдеме патот по кој се тргнало за да се стигне до неа. Претпоставуваме дека (од нејасни причини) во тритомниот Речник на македонскиот јазик овој збор е погрешно регистриран. Тој Речник е издаден прв, а неговите автори се авторитетни имиња од областа на лингвистиката. Најверојатно, авторите на сите понови речници го консултирале овој речник. Уверени (со право) дека составувачите претставуваат навистина експерти од таа област го зеле зборот СУРУТКА (верувајќи дека е точен), кој, според нашето мислење, е погрешен.

Малку погоре рековме дека си земаме право да тврдиме оти зборот е погрешно одбележан во Речникот, но тоа значи дека само се осмеливме да чепнеме во толкувањето, во етимологијата на зборот – СИРАТКА. Можеби сме пошле по погрешен пат. Можеби сме згрешиле, но јазичното чувство не туркаше во оваа насока. Големо извинување ако сме направиле грешно толкување. Уште поголемо извинување до оние, кои можеби, имаат појасни сознанија за генезата на зборот СИРАТКА. Дали е СУРУТКА или СИРАТКА? Во практиката, во животот, СИРАТКАТА е безначаен производ. Би рекле, дека пците ја локаат. Но во јазикот и сирењето и урдата и сиратката имаат иста важност.

Според нас треба да гласи СИРАТКА.

Благоја Ивчески

Loading