ТРЕТОТО МЕСТО Е УСПЕХ

РАКОМЕТ: БОРЧЕ МАРКОВСКИ, ТРЕНЕР НА ЖИТО ПРИЛЕП

МРКИЌ НЕ ЗАМИНУВА, ОСВЕН ВО СТРАНСТВО

Месец – два по ракометната женска суперлигашка сезона изготвени се анализите во ЖРК Жито Прилеп. Иако се случи пад од второ кон трето место и по четири години без куп финале, оценката е позитивна, првенствено од стручен аспект на тренерот Борче Марковски.

– Заклучуваме дека минатата сезона е успешна. До лани екипата имаше загарантирано второ место, но се појави Вардар, посилен и од првакот Металург, така што ние сме очекувано трети. Планиран беше и дострелот до куп – полуфинале. Сé предвидено е остварено, дури и нешто повеќе, ако го земеме предвид подвигот во плеј – офот, кога го совладавме Металург – вели Марковски.

Секое лето трпи промени играчкиот кадар. Жито Прилеп настојува да ги задржи најдобрите, иако тоа не е едноставно и лесно во професионален клуб. Симпатизерите очекуваат засилувања, но само од земјава. Од странство нема гаранција дека се исплатливи, со оглед на силата на Вардар и Металург.

– Потребни се нови, левораки на десна крилна и бековска позиција. Од домашниот пазар очекувам барем три надежни. Наесен да сме доволно силни – истакнува Марковски.

Жито Прилеп е на добар глас и клуб кој тешко се напушта. По две години, во Франција замина Црногорката Тамара Стојановиќ, а Александра Здравевска се врати во Битола. Според сајтот на РФМ, Савица Мркиќ е во Металург?

– Сигурно е грешка, веќе повторена. Информиран сум дека други заминувања нема да има. Трансфер на Мркиќ може само во странство – заврши Борче Марковски.

На 24 јули се наредните подготовки на Жито Прилеп.

Loading