ЏЕЗ ЗА МЕЗЕ ВО TAKE FIVE

Џез клубот Тејк фајф уште од зимоска во затворен простор, а и пролетоска и летово под отворено небо се наметна како нестандардна кафетерија, паб, со џез свирки во живо. Различни групи за мераклиите на овој жанр секој четврток, петок, сабота и недела предизвикуваат урнебесна забава во реновираниот амбиент, кој го добива имиџот на збиралиште на џезерите, но и останатите љубители на музиката.

Последен, како што викаат Хрватите, тулум создаде сношти Давид Нешкоски со неговото трио. Малку постуденото време не ги оддалечи зависниците на забави да не џускаат на тактовите и компилациите на познати џезери во интерпретација на нашиот мајстор. Бендот Стринг Форсис вечерва (петок) ќе ја качува температурата, а утревечер се очекува луда журка без генерациски ограничувања. Адреналинот в сабота ќе го креваат Дамир Имери, Иван Иванов и Гоце Стевковски. Триото негува џез, но не му се непознати нотите и на друг популарен репертоар.     

Loading