“ФЕРИЈАЛНА” ТРИБИНА

ИСТОРИЈА

Долги децении мечевите на Победа се следеа од скалите кај старата болница. Местото на шега беше нарекувано “феријална трибина”, поради бесплатниот поглед. Гледаа пациенти по пижами и граѓани со плиток џеб, работничка класа, невработени, социјалци. Скапи беа влезниците по 100 динари, но бидејќи не можеа да дишат без Победа, единствен спас наоѓаа на скалите. Навистина, оттаму не се гледа ни третина од теренот, но доволно да се “улови” барем нешто колку за коментар. Особено проблематично беше кога домашните акции одеа кон источниот гол. Од оградниот ѕид ништо не се гледаше. Дури кога ќе “згрмеше” публиката однатре и “феријалците” се радуваа на голот. Управата направи обид да го спречи гледањето, со поставување високи церади над ѕидот. Ги принудуваа бедните да платат влезници, но ги фати “гревот”. Изгледа некој ги украде церадите и феријалната трибина пак проработи.

И ден – денес, кога се наплаќаат влезници, група сограѓани гледаат фудбал од старата болница.

Loading