КУЛТУРНОТО ЛЕТО ВО ПОЛН ЕК

Во полн ек е првиот дел од културното лето, што ЦК ,,Марко Цепенков,, го отвори во саботата. Денеска во манастирот Св. Илија стартува шестата ликовна колонија Дрен, на која, како што вели директорот Тони Чатлески, ќе творат уметници од Македонија, Русија, Бугарија и Словенија.

– Големиот интерес за учество покажува дека колонијата веќе е бренд во Македонија – вели Чатлески.

Природата околу манастирскиот комплекс ќе ја овековечуваат Малка Малкова, Светлана Вахнина и Александар Белугин од Русија,  Павлинка Маркова – Копано, Светлозар Недев и Кронелија Марган од Бугарија, Лучка Шпаровец од Словенија, како и македонските уметници Силвана Атанасовска, Владимир Кнежевиќ – Путец, Олгица Антовска, Богданка Барутовска, Николета Стојческа, Елица Димитрова…

Сефте на културното лето се стори со премиерата на комедијата ,,Три варијации на една тема,, по текст и во режија на Коле Ангеловски.

Урнебесната комедија со три едночинки во една целина, на различен начин ги третираат игрите на љубовта и случајот. Режисерот ставил потпис на претстава која ќе биде хит во театарот, која ќе полни сали и во која се говори за односите во бракот – меѓу маж -жена, љубовник – љубовница, жена на љубовникот, маж на љубовницата… Мајсторот на комедиите, маестрално успеал да ги комбинира едночинките, но и актерите, кои со сиот свој жар ги донесуваа ролјите на сцена.

Силен одзив имаше и за концертите на пијаниската Наташа Стојановска, наша сограѓанка, која живее и работи во САД, и на Македонската филхаромонија, која под диригентската палка на Борјан Цанев, и солистот Гонца Богоромова, се претстави во вистинско светло, по подолго време во градот, одлично исполнувајќи дела од Манчев, Хендл, Зографски, Росини, Моцарт.

Се отворија и двете изложби на Александар Станкоски, кој се претстави со над 20 дела, кои се единствена појава во македонската современа уметност. Бугарскиот сликар Светлозар Недев првпат се претстави пред нашите љубители на уметноста со 20 дела.

Loading