СИНИ СНЕГОВИ (2)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Ситуацијата воопшто не можеше да ја сфати, сепак посигурна во себе ја прегледа целата куќичка. Не забележа ништо сомнително. Со мала резерва се обидуваше да се сети дека таа сето тоа го средила можеби во полусон… За сигурност трипати ја заклучи влезната врата. Одвај довлечка една од комодите од спалната соба. Си мислеше дека  утре подобро ќе се сети на сé. Се распакува и ѕирна во секое ќоше. Се чувствува како целиот свој живот да го минала тука. Беше премногу возбудена па не чуствуваше потреба нешто да јаде. Храната што ја носеше од дома, ја смести во фрижидерот. Си легна. Задоволството í се читаше на лицето. Потона во  нов сон кој  првпат го сонуваше, тука на дофат од своите желби… 

Утрото беше снежно. Ема, вчудоневидено ја гледаше сликата преку еден од тркалезните прозорци. Зеленилото на старите борови и витите елки како да беа зафатени од бал на мали снегулки кои нежно одвреме навреме за миг застануваа на нивните гранки. Беше толку тивко. Го слушаше само сопственото рамномерно  вдишување и издишување како и биењето на срцето. Не í се стануваше од креветот. Толку í годеше удобноста што веројатно ќе останеше да се излежува уште долго време ако чуден шум не допре до нејзините уши. Доаѓаше одоздола. Како некој да се обидува низ мала врата да провне нешто големо. Побрза да се облече, притоа внимавајќи на секој следен шум. Беше речиси сигурна дека нешто се случува пред  влезната врата на куќичката. Ја отвори вратата од спалната и премре од страв. Пред себе виде човек висок и широк како планина. Носеше бунда, високи чизми некаква капа која наликуваше на шубара. И беше свртен со грбот и се обидуваше низ влезната врата да провлече голема и сигурно тешка вреќа. Ема почувствува како желудникот í се грчи. Молскавично се обидуваше да смисли нешто. Чувствуваше како од страв телото и трепери. Сакаше да вреска, но глас од грлото не í излегуваше. Нечујно  се припи до ѕидот и полека дојде до каминот. Не испуштајќи го од поглед грамадниот човек, се обидуваше да ја дофати желзната шипка. Низ главата и поминуваа возови со најстрашни нешта. Требаше да направи само еден чекор напред и да го удри силно по главата. Колениците и играа. Само што ја подигна раката да замавне човекот се сврте и  Ема се онесвести.

Почувствува како лежи на подот. Под главата имаше перница, а беше покриена со нешто. Ноздрите í се надразнуваа од мирисот на печениот леб. Чувствуваше дека некој ја гледа. Се плашеше да ги отвори очите. Веројатно човекот немаше намера да ја убие, зашто досега имаше прилика да го стори тоа.

“Што бара тој во куќата од баба ми” – се прашуваше  Ема.

Мислите и  ги прекина силната машка рака што го допре нејзиното чело. Крвта и застана. Студена пот ја обли. Инстинктивно ги отвори очите. Гледаше право во две замрзнати сини езера. Беа толку полни со бес и како да распукаа. Човекот се исправи и без никакво предупредување силно ја подигна со своите раце. Ема крикна исплашено. Тој дури и не ја погледна. Грубо ја остави на каучот и отиде во кујната. Се врати носејќи í печен леб, маргарин и чаша млеко. Без збор ги остави во нејзиниот скут, си ја зеде бундата и капата и замина. Ема подзинато гледаше. Не сфаќаше што се случува. Како ветер и виулица во неа се движеа стравот и бесот. Брзо стана од каучот, се обиде од прозорците да утврди каде замина непознатиот. Од него надвор немаше ни трага. Единствено се белееше снегот кој сега обилно паѓаше.

– Каква дрскост – на глас размислуваше Ема – ми упаѓа вторпат дома без никаква најава и плус заминува како да бил на постојка на која не застанал автобус. Подобро немој да се обидеш да се вратиш уште еднаш, зашто ќе си имаш проблеми со мене, овојпат навистина…

Се чувствуваше “грозно”. Отиде да ги најде цигарите. Запали една, седнувајќи на фотелјата пред каминот. Се прашуваше, зошто никој не и спомна за постоењето на загадочната личност која и го наруши мирот дури двапати во неполни 24 часа, откако е дојдена овде? Не знаеше дали некој знае за човекот и што практично бара тој овде кога сигурно тука не живееше?! Тоа í даде надеж дека можеби и нема да биде така осамена претстојните 20 дена. Ако тој живее во близина, веројатно има и други луѓе, кои зимуваат во своите планински куќички. Ема доби доволен повод да ја разгледа повеќе новата околина. Не размислувајќи многу, топло се облече и се подготви за мала прошетка. Мирисот на печениот леб уште ја исполнуваше куќата. Пред да излезе го изеде појадокот. Беше неверојатно вкусен или пак таа беше многу гладна. Не беше важно, ја интересираше што има надвор.

И се допадна. Пред очите се распосла волшебно пространство прекриено со бел снег. Високите борови беа натежнати, а елките како кралици се зеленееја  цврсто исправени. Беше тивко, чувствуваше како снегот дише. Далечините високи планини како заштитнички да го чуваа малото парче земја. Се двоумеше на која страна да тргне. Ништо не í даваше знак дека ќе ја одбере вистинската насока. Беше убедена дека тука негде мора да најде “жив човек”. Ги погледна облаците. Од нив се ронеше снег.

“Невреме денес нема да има” – си рече небаре знаеше. Ја заклучи вратата од  куќичката и тргна самоуверено низ боровите. Се обидуваше подобро да ја запамети  секоја стапалка. Ги гледаше големите стебла, паметејќи ги нивните карактеристични белези. Снег немаше премногу, па можеше брзо да оди. Сепак како да немаше крај. Наместо некаква куќичка, па макар и колипка пред неа едни зад други се редеа борови и елки. Немаше ориентација колку долго оди. Застана решена да ја смени насоката на движење. На една од елките го заврза своето шамивче и продолжи десно. Чувствуваше дека е уморна, но одеше понатаму. Студен ветар í го галеше лицето. Снегот уште паѓаше. Надежта почна да ја напушта. Почна да се обесхрабрува, полека, но сигурно стравот се вселуваше во неа. Ветерот се одзиваше. Снегулките не беа веќе мирни. Почнаа лудо да се вртат околу неа. Ема почна да трча. Не можеше ниту убаво да гледа каде оди. Ветерот í дуваше влице. Знаеше дека погреши што тргна да бара “сосед”, но сега веќе беше доцна. Не знаеше дали да продолжи напред или да се враќа назад. Неочекувано се отвори блага удолнина. Не можеше да забави и падна, тркалајќи се низ снегот. Удри во еден  голем стар бор чие стебло беше издлабено. Плачејќи се стутка во него. Липаше на глас, гледајќи како снежната покривка станува се подебела. Почна многу да и студи. Знаеше дека нема кој да ја бара. Помислата дека може да остане заглавена, ја ужаснуваше. “Можеби минутите ми се одброени”, си мислеше, “морам нешто да сторам, ако не сакам да премрзнам и да умрам”. Не знаеше што. Можеби сум единственото живо човечко суштество во планинава. Во истиот миг посака од некаде пред неа да се појави човекот кој беше во нејзината куќичка. Можеби пак ќе дојде и ќе види дека ја нема, па ќе ја бара. И засветка искра надеж дека може да се спаси.

 (продолжува)

Loading