СИНИ СНЕГОВИ (1)

ОД ОВОЈ БРОЈ ПОЧНУВАМЕ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ.

Нерамниот каллив пат како да ги поколеба во неа сите нејзини чувства дека овде ќе најде мир. Од почеток не í се допаѓаше идејата овде да ја помине зимата. Но, се чувствуваше обврзана тоа барем еднаш да го стори по цели три години, откако баба и í ја остави куќата. Не í беше јасно, зошто токму нејзе, од седумте внуци, í припадна старата планинска куќичка. Не се надеваше на ништо од бабиното наследство, зашто не беа блиски. Не се поднесуваа, а фамилијата ги поистоветуваше. Токму затоа беа карактерно слични и не можеа да се трпат.

Лицето на Ема беше сериозно. Се наѕираше страв од непознато. Ова беше и прв излет надвор од урбаната средина. Таксито застана.

– Понатаму ќе морате пеш, госпоѓице – љубезно í се обрати таксистот. Имате среќа што сеуште нема снег инаку ќе одевте речиси еден час пеш.

Ема кисело се насмевна. Му плати, причека да í ги сметне  патните торби.

– Благодарам – му рече – ќе се видиме.

– Се сомневам. На повидок е снег. Сепак пријатен престој, се надевам ќе го засакате овој наш снежен рај.  

Ема само климна со главата. Гледаше како автомобилот се губи од видокругот. Почувствува страшна тишина. Првпат беше надвор од градската џунгла. Тишината í беше премногу “бучна”. Ü ги исполнуваше ушите до крајните граници. Почувствува морници низ телото.

“Кој ѓавол ме натера да дојдам” – помисли, кревајќи ги торбите.         Тесната патека се провлекуваше низ густите борови и елки. Брзаше колку што можеше. Тешко дишејќи, се искачи по благата угорнина. Бесот растеше во неа. Веќе беше лута што не дозволи некоја од нејзините пријателки да дојде со неа. Побрзо отколку што се надеваше, пред нејзините очи се покажа симпатична куќичка. Ема, изненадена од глетката, ги спушти торбите и љубопитно гледаше. Не беше каква што очекуваше. Наместо пред дрвена колиба, стоеше пред интересна не баш малечка куќичка, направена од дрво. Наликуваше на кутија со спуштени триаголни краци, кои се губеа во дрвјата. Прозорците беа тркалезни со дрвени капаци, а вратата имаше необичен шестоаголен облик исполнет со несекојдневни резби. Однадвор ни оддалеку не оддаваше куќичката впечаток дека никој не престојувал долго време. Во несесерот го побара големиот клуч. Со малку возбуда, се обиде да отвори. Наместо пајажини, застарен мебел, излитени теписи, пред неа се појави пространа дневна соба, вкусно уредена. Ема стоеше изненадено, гледајќи околу. Беше многу повеќе од очекувањата. Имаше телевизор, видеорекордер, музички ситем. Голем кауч, кој без никаков проблем, стоеше добро во средината на собата. Зад него беше поставена мала трпезариска маса со четири столици, несомнено рачно изработени од масовно дрво. Во нишата беше сместена кујната. Просторот беше искористен функционално. Сé беше при рака. Впечаток í остави големиот камин. Пред него беше поставена една голема класична фотелја. Малку со страв, Ема седна. Се чувствуваше пријатно. Не í пречеше ниту големата дебела виндјакна што ја носеше.

“Најпрво да се обидам да го запалам каминот”, си помисли, поудобно местејќи се во прегратките на фотелјата. Не почувствува како сонот лесно  ја фати.

****      

За миг не знаеше каде се наоѓа. Матно гледајќи низ своите долги клепки ги набљудуваше сенките на таванот. Преплашено рипна. Се исплаши уште повеќе кога сфати дека се наоѓа на каучот. Со рацете ги истри очите, сега убаво гледаше околу себе. Не можеше да се сети кога легнала на креветот. Почувствува пријатна топлина, инстинктивно се сврте кон каминот. Пламените јазичиња ги голтаа сувите дрва кои тивко крцкаа. Забележа дека и торбите í се во собата. Ема беше преплашена. Со поглед се обидуваше да пронајде некаков предмет со кој  би се бранела против очигледно непознатиот и неочекуван гостин. Речиси го прекина дишењето да наслуша некаков шум, кој би í го открил присуството на натрапникот. Не чу ништо. Полека, без да шушне, стана. Ја зеде долгата железна прачка што стоеше покрај каминот и, силно стегајќи ја во своите раце, полека се прикрадуваше по собата, во која немаше никој. Не знаеше колку долго спиела, но знаеше дека воопшто не ја отвори уште едната врата зад која веројатно требаше да биде спалната соба. Се доближи до неа и внимателно наслушуваше. Беше и премногу тивко. Зазеде  позиција за “напад” и гласно проговори:

– Излегувај, знам дека си таму!

Немаше никаков одговор, ниту пак било каков знак дека внатре има некој. Иако í доаѓаше веднаш да избега, знаејќи дека нема каде да оди и да побара помош, Ема силно ја отвори вратата од собата. Вистина тоа беше спална, но немаше никој. Со железната прачка во рацете цврсто подигната над главата, Ема се воодушевуваше на глетката. Беше тоа спална соба, што сакаше од секогаш да ја има. Постелата беше голема. Од двете страни ограничен со прекрасна  дрвена резба во класичен стил. Тоалетната масичка и останатите елементи, исто така, беа изработени од масивно дрво, низ чии резби се препознаваа вредните раце, кои со многу труд ги создале. Како да подзаборави на стравот, небаре како срна, тивко влезе во собата. Беше како опиена. Чувствуваше дека тоа е дел од нејзината душа. Дел од еден сон, кој го сонуваше многу години. Првпат почувствува блискост со својата баба. Иако не се дружеше многу со неа, í беше жал кога дозна дека умрела. Но, во овој миг навистина í недостасуваше.

(Продолжува)

Loading