СТАРТ СО КОМЕДИЈАТА ,,ТРИ ВО ЕДНО,,

ПРИЛЕПСКО КУЛТУРНО ЛЕТО

Со премиерата на комедијата “Три варијации на една тема” во режија на Коле Ангеловски, в сабота од 20.00 часот почнува традиционалното “Прилепско културно лето” на ЦК ,,Марко Цепенков,,.

– Традиционалната манифестација ќе трае до септември, со пауза за Пиво фестот. Ќе се одржат ликовната колонија Дрен со 14 уметници од Македонија, Русија, Бугарија, Словенија, концерти, изложби, театарски претстави – вели директорот Тони Чатлески.

“Три во едно” е комплетен авторски проект на Коле Ангеловски.

– Тоа е класична комедија. Урнебесна со многу сплетки, од која излегуваат неочекувани ситуации за публиката да ужива – вели режисерот Ангеловски.

Текстот специјално го пишувал за прилепскиот театар, за да можат да играат поголемиот дел од актерите.

– Три варијации на една иста тема. Првиот дел е “Викендичка”, вториот “Три ипол милјарди жени” и третиот “По олукот надолу”. Една приказна е за мажени жени, женети мажи, со своите љубовници. Се раскажуваат приказни од нашето секодневие, секому што можат да му се случат погледнати низ еден комичен начин – додава Коле.

Во претставата играат Зоран Иваноски, Даниела Иваноска, Марјан Чакмакоски, Марија С.Илијеска, Наташа Наумоска, Андон Јованоски, Катерина Чакмакоска, Димитар Црцороски, Јасмина М.Станкоска, Виолета Чакарова, Владимир Ѓорѓијоски, Никола Настоски, Александар Степанулески.

Костимите и сценографијата се на Илина Ангеловска, а  музиката на Томче Темелковски.

ЉУБОВТА НИ Е ЗАЕДНИЧКА СО ТЕАТАРОТ

,,Радост, среќа и задоволство имаш кога ќе направиш претстава во која публиката ќе ужива. Така е и со комедиите во прилепскиот театар, можеби триесетина. Нашиот живот и ,,љубовта,, е заедничка. Тоа е континуирано дружење и работење. Има глумци, кои играат во оваа претстава што не биле родени кога ја направив првата претстава со прилепски театар. Сите што ги направив го исполнува условот зошто сме заедно, оти најгледаните сум ги режирал,,  – вели Коле Ангеловски. 

Loading