ЗА ТЕАТАР ТРЕБА МЕРАК

ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Љубиша Георгиевски, театарскиот и филмски режисер, педагог, кому му беше врачена наградата за животно дело на фестивалот, вели дека при престој во градот, се потсетил на младоста, кога учел Гимназија.

– Тоа беа убави денови. Затоа многу сум радосен во Прилеп. Најпрво одам на манастир и палам свеќа, од каде ја гледам куќата на дедо ми. Поминувам крај неа. Често луѓето ме препознаваат. Еден повозрасен човек на велосипед ми вели: “Дојде пред куќата на твоите, И ти си од нив”. Секогаш кога го правам Хамлет, тука добивам награди, оти се чувствувам половина прилепчанец. Од тука се почна и тука пак продолжува – вели Георгиевски.

Во 1966 година ја доби наградата за режија на фестивалот, а сега, на годинешниот, за неговиот целокупен творечки опус. На шега вели дека од една страна бил задоволен, а од друга тажен, затоа што  поминал период за кој не бил сосема сигурен дали доволно го искористил.

Според него МТФ и Прилеп станале условен рефлекс за театарските луѓе, а младите творци требало да горат за да блескаат.

Георгиевски работи на нов десетти текст, кој ќе биде варијанта на Хамлет, односно пиеса која паразитира на темата Хамлет. Ќе го режира сам, оти најдобро го знаел.

На крајот завршува како народната “Болувам од три болести”, така и тој боледувал, додавајќи оти за театар не требало енергија, туку мерак.

Loading