МАТУРАНТИ НА ЕДНО МЕСТО ПО ПЕТ ДЕЦЕНИИ

Со растреперени срца и насмевки како пред половина век, поголем дел од матурантите од 62/63 година од средното економско училиште ја прославија 50 годишнината од созревањето. Од осумдесетината матуранти, околу четириесетина прилепчани седнаа околу заедничката маса да зборуваат за случките од лудите години. На пет децениската генерациска средба, меѓу нив беа и оние кои ветриштата на животот и судбината ги однела на други места низ земјава и странство. Собрале кувет и сториле гајрет да се сретнат со другарите и некогашните симпатии, но и со двајца класни раководители. Професорите по македонски јазик, Орде Сливјаноски, и по географија, Илија Ќовкароски, ги почестестија со присуството матуратите од “третото доба”. Се сеќаваа на оваа генерација, враќајќи ги спомените на младоста низ избледнетите фотографии на тинејџерите. Возрасните матуранти коментираа дека сериозниот пристап на професорите влијаел да бидат одговорни. Тоа придонесло да бидат успешни во нивниот животен развој и кариери. Матурантите со седум децениски животен век отсега ќе се собираат секоја година да ја бришат прашината од животната историја, стремејќи се да ги поделат муабетите за радостите од младоста, но и да уживаат во среќата од пензионерските денови.

Loading