ВРАБОТУВАЊЕ КАЈ ПОЗНАТ РАБОТОДАВАЧ

ЗА НЕКВАЛИФИКУВАНИ МЛАДИ НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА

– АНГАЖИРАНИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ПО 5700 ДЕН. МЕСЕЧНО ЗА ВРЕМЕ НА ТРИМЕСЕЧНАТА ОБУКА, НО И РАБОТОДАВАЧОТ ЌЕ МОЖЕ ДА ДОБИЕ НАЈМНОГУ ДО 1 500 ЕВРА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ОД ДРЖАВАТА

Нова шанса за вработување им се нуди на младите неквалификувани лица кои подолго време се без работа. До 26-ти јуни, првенствено гимназијалците и оние со завршено основно образование, ќе може да аплицираат на отворениот владин јавен повик за ангажирање кај познат работодавец. По 5.700 денари  месечно ќе добиваат лицата од категоријата од 25 до 49 години, а кои ќе одат на обука три месеци. За првпат парично се стимулирани и работодавачите кои ќе ангажираат невработени лица, а кои ги нема во евиденцијата на Агенцијата за вработување. Притоа се поттикнуваат работодавачите да земат лица, кои се дефицитарни и не можеле да најдат ангажман, а се потребни за процесот на работа.

– Ако еден работодавач ангажира од едно до три лица, ќе добива по 4 000 денари месечно, од 4-7 лица – 7 400 денари месечно и прогресивно со лицата се зголемува финансиската поддршка. Атрактивно е за работодавачите кои ќе вработат над 20 лица, финансиската поддршка е 25 000 денари месечно за период од 3 месеци. Работниците ќе се дообучат и работодавачите ќе имаат корист од активноста. Секој работодавач мора лицата што ќе ја поминат обука кај него за работа, 50 отсто да вработи на период од најмалку 6 месеци – вели Силвана Пашоска, раководител на Агенцијата за вработување.

Приоритет ќе имаат лицата со основно и гимназиско образование, а кои не успеале да се усовршат по нивното образование. Не се ограничени ниту дејностите каде може да се врши обуката.

– Се спроведе анкета за потребите на слободни работни места. На пример, ако побараат електробравари, иако имаме такви во нашата евиденција, не смееме да ги пратиме на обука, бидејќи се сметаат за обучени. Ќе пратиме лица кои не се од таа струка и ќе се обучуваат. Ги повикувам работодавачите и невработените лица да се јават во Агенцијата за вработување и да се пријават во активните мерки од Владата при што голем дел од нив ќе можат да засноваат и работен однос – вели Пашоска.

Заинтересираните невработени и работодавачите на веб страната на Агенцијата може да ги видат деталите.

Мерката за платена обука кај познат работодавач ја поддржува и градоначалникот Марјан Ристески кој економскиот просперитет  на градот го гледа во вработувањето на младите лица.           

Loading