СИГНАЛИ ЗА ПОДОБРО

РАКОМЕТ

Машкиот ракометен прволигаш РК Прилеп ја заврши првата сезона по обновувањето и првичен впечаток е коктелот од позитивни и негативни оценки. Добро е што се најдоа сили да се издржи докрај, наспроти проблемите. Играчкиот кадар, на список броен, на тренинзите и мечевите, не можеше редовно комплет да се собира. Најмладите се со обврски кон училиштето, повозрасните на факултет, најискусните во смени на работа. Така е во аматеризмот.

Сепак, има сигнали за подобро. Се слуша дека градот двојно ќе ја зголеми донацијата, а конечно се интересира и бизнис секторот. Водечките ракометни работници од метрополата биле расположени да помогнат со коментар дека Прилеп не смее да остане без суперлигаш на сцената. Нема дерби како некогаш со преполни сали, ако слаби се клубовите во Битола, Прилеп, Струга, Куманово… Јасно дека Металург и Вардар се далеку напред, но барем останатите да им се приближуваат. Надежта на Прилеп се стручниот, играчкиот кадар, традицијата. Изминатата година се поставени темелите, но тука не смее да се застане.

Во неатрактивната Прва лига пласманот е скромен, меѓу четврто и шесто место, по последниот пораз 35-28 нагости од Вардар Полог во Гостивар.

Loading