НОВ ТЕРЕН ОД ЛОКАЛНАТА И ФФМ

ФУДБАЛ: ПОДОБРЕНА ИНФРАСТРУКТУРА

– ЛОКАЦИЈАТА Е КАЈ НЕКОГАШНАТА ЗООЛОШКА


Конечно нешто позитивно во прилепскиот фудбал. Градов добива нов терен со вештачка подлога со договорот меѓу градоначалникот Марјан Ристески и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски. Локацијата на игралиштето е до типската населба, на местото каде некогаш беше Зоолошката градина. Димензиите се според меѓународните прописи, со должина 114  и ширина 77 метри.

– ФФМ не само што придонесува за развојот на фудбалот, туку го засилува издигањето на локално и национално ниво. Изградбата на спортски, рекреативни центри е посветување на младите, за нивната сигурна и здрава иднина – рече градоначалникот Ристески.

Проектот е осми, после оние во Битола, Ѓорче Петров, Гази Баба, Штип, Тетово, Охрид и Струмица, во рамките на “Хет – трик” програмата, поддржана од УЕФА. Тоа битно ќе ја подобри инфраструктурата и условите за егзистенција на најпопуларниот спорт. Во очекување на доизградба по европски стандарди на стадионот “Гоце Делчев”, пуштање во употреба на игралиштето кај Могилата, новиот терен ќе е силен стимул за враќање на фудбалот на поранешните патеки.

– Заслужува поддршка фудбалскиот Прилеп. Благодарност до Општината и градоначалникот Ристески – истакна Ѓорѓиоски.

Врз вистински луѓе паѓа товарот за разрешување на фудбалските проблеми, бидејќи градоначалникот Ристески е член на Собранието од ФФМ, заедно со првиот човек на ОФС Марјан Стојкоски и секретарот Петре Илиоски, а претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски, по татко прилепчанец, една сезона играше во Победа.

Loading