МОЖЕА 18, ОСВОИЈА ТРИ БОДА

ФУДБАЛ: КАТАСТРОФАЛЕН БИЛАНС НА ВТОРОЛИГАШИТЕ

САМО КОРЗО ОДЛИЧНО, РЕМИЗИРА ВО ВРАПЧИШТЕ И ВО Ѓ. ПЕТРОВ

Како се ближи крајот на второлигашката фудбалска сезона, се послабо играат прилепските претставници. Претходните две кола, од саботата до вторникот, имаа шест меча и можност за 18 бода, а освоија само – три. Особено бледи се Победа и 11 Октомври. Победа попусто двапати беше домаќин на аутсајдери, кога загуби со 0-1 од Маџари, а ремизираше 1-1 со Врапчиште. Тимот на 11 Октомври дома загуби 0-2 од Македонија, а на гости дури 7-1 од Локомотива. Честа и овојпат ја спаси Корзо, кој не се даде двапати на гости, со 2-2 кај Врапчиште и со 1-1 кај лидерот Македонија во Ѓорче Петров.

На што се должи падот? Ослабени се составите поради повреди и картони. Главниот проблем, се чини, е отсуството на амбиција. Екипите се “ни горе, ни долу”, не се борат за опстанок или за прва лига. И јасно е зошто лабаво се однесуваат за разлика од ривалите. Победа е седма со 36 бода, 11 Октомври осми со 33. Единствен во борба за живот е Корзо. Уште е во опасната зона на 13 место со 29 бода, еден помалку од Локомотива и Врапчиште. Шансата има во преостанатите три кола, дома со конкурентите Локомотива и Баби, на гости со второто Скопје.

В сабота (16, 30 ч.) неопходна е навивачка поддршка за Корзо со Локомотива, додека Победа оди кај Тиквеш. В недела 11 Октомври го чека Скопје.

Loading