ВРВНИ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛОТ

ОД 7 ДО 14 ЈУНИ  48 ИЗДАНИЕ НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Годинешното 48 издание на МТФ “Војдан Чернодрински,, ќе се одржи од 7 до 14 јуни, на кое, според уметничкиот директор Петар Темелковски, во официјална конкуренција ќе бидат прикажани 13 претстави.

Честа да го отвори фестивалот ја има Драмскиот театар од Скопје со претставата “Архелаос” од Јордан Плевнеш, во режија на Владо Цветановски. Фестивалскиот факел ќе изгасне на 14 јуни со претставата за наградените “Декамерон” од Бокачо, во режија на Боњо Лунгов, во изведба на МНТ и Театарот за деца и младинци.

Публиката, која љубоморно си го негува Фестивалот,  според Темелковски, годинава ќе проследи врвни театарски претстави.

– Театарот се движи во нагорна линија. Тоа се должи на трендот за подмладување на ансамблите, кој започна во прилепскиот театар, а продолжи во останатите. Фестивалот го негува домашниот драмски текст и младата актерска сила која доаѓа до израз – рече Темелковски.

Придружната програма ќе биде позната на крајот од мај, а ќе се одржат театарски трибини и промоции на книги.

– Полноќниот простор ќе му биде посветен на независните проекти, од ФДУ и ЕСРА, млади автори. Праведно е во неофицијалната програма да им овозможам рамноправен третман и простор да се појават на Фестивалот. Има интерес кај публиката за овој вид претстави – додава Темелковски.

На Фестивалот, освен стандардните награди,  ќе бидат доделени уште две награди: за млад актер –  за  машка и за женска улога.

ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ ЛАВРОНОСЕЦ

Големиот режисер, педагог и учител Љубиша Георгиевски е добитник на наградата за животно дело.

– Георгиевски е патријарх на театарот во Македонија од поодамна. Како што учестувал во зачетоците на авангардата на политичкиот театар, така дал придонес и во класиката. Уште е активен, иако е дипломат. Повеќе години сакавме да го овенчаме со признание, но секогаш велеше дека тој имал доволно награди. Еве дојде и тој ден – додава Темелковски.

Георгиевски режирал над 160 претстави. Автор е на десетина книги. Освен што е режисер, е и сценарист, есеист, професор. Неговата девиза е дека никогаш театарот не се занимавал со минатото, со иднината, туку со сегашноста.

ПРЕТСТАВИ ВО ОФИЦИЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА

1. АРХЕЛАОС – Јордан Плевнеш, режија Владо Цветановски, Драмски театар Скопје

2. ИЗГУБЕНИ ГЕРМАНЦИ – Дејан Дуковски, режија Слободан Унковски, Македонски народен театар Скопје

3. ЖЕНИДБА – Гогољ, режија Дејан Пројковски, Театар комедија Скопје

4. НОЌИТЕ ВО БЕЛ САТЕН – Братислав Димитров, режија Ненад Витанов, Театар-Јордан Хаџиконстантинов -Џинот – Велес

5. ШЕКСПИР ВО ПРИКАЗНИ – Драмат.Викторија Рангелова, режија и кореографија Кренаре Невзати,  Турски Театар  Скопје

6. ЗМЕЈОВАТА НЕВЕСТА – Молеров, режија Нела Витошевиќ, Театар – Војдан Чернодрински – Прилеп 

7. ТРАВНИЧКА ХРОНИКА – И.Андриќ, режија Бранко Брезовац, Народен театар Битола

8. ПРСТ – Дорутина Баша, режија Агон Мифтари, Албански театар Скопје

9. МАЛОГРАЃАНСКА СВАДБА – Б. Брехт, режија Дејан Пројковски, Театар, НУЦК -Глигор Прличев – Охрид

10. ГНИДА – Иво Брешан, режија С. Рушити, Тетовски театар Тетово

11. ПАРОВИ – Миро Гавран, режија Љупчо Ѓорѓиевски, Театар, НУЦК – Ацо Шопов- Штип

12. НЕ ЧУКАЈ БЛИСКУ ДО СРЦЕТО – Митко Бојаџиски, режија, Синиша Евтимов. Театар НУЦК – Антон Панов – Струмица

13.ДУХОТ НА СЛОБОДАТА – Горан Стефановски, режија Лука Кортина, Театар НУЦК -Трајко Прокопиев- Куманово

Loading