КОМШИЧЕТО МАМО, ТЕРЗИЧЕТО

Како и на многу места, грешки има и во упатствата за употреба на лековите. Во некоја друга пригода ќе набележиме повеќе грешки од тие упатства, а сега ќе се задржиме само на една. Ќе ја разгледаме таа грешка зашто грешки од таков вид среќаваме во повеќе области. Станува збор за деминутивните форми од некои именки од женски род. Во едно упатство за употреба на одреден лек ја сретнавме именката КУТИВЧЕ. Пишува дека во КУТИВЧЕТО имало 30 таблети. Ете таа именка (кутивче) не натера да се позанимаваме со именките од таков вид, односно со нивната деминутивна (галовна) форма. Постојат повеќе наставки за образување на ваквата форма. Овојпат не интересира наставката ЧЕ. Погоре ја споменавме именката КУТИВЧЕ. Тука е грешката. Правилната форма е КУТИЧЕ, како што е ШАМИЧЕ, а од мнозина слушаме ШАМИВЧЕ. Тоа ни го потврдува и народната песна: КОМШИЧЕТО МАМО, ТЕРЗИЧЕТО. Значи, КОМШИЧЕТО, а не КОМШИВЧЕТО. Така е и со именката РАКИЈА. Деминутивната форма е РАКИЧЕ, а не РАКИВЧЕ. Во прилепскиот говор овие грешки се прават поретко. Тие повеќе надоаѓаат од скопскиот говор, па многу луѓе ги прифаќаат.

Кај деминутивите, честопати не се останува само на една ваква наставка, туку има и прирастување: ШАМИЧЕНЦЕ, КУТИЧЕНЦЕ, КОМШИЧЕНЦЕ и слично. При ваквите случаи галовноста се изразува позасилено.

Толку за именките од ваков вид. Можеби грешките не се големи, ако воопшто може да се даваат такви квалификации и грешките да се делат на големи и мали.

Да споменеме и некои други. Именката КАРИКА е мошне често споменувана во повеќе околности. Се вели дека тоа и тоа е ГЛАВНА КАРИКА во некој систем. Кариката е всушност обрач, алка. Зборот има унгарско потекло. Кај нас е навлезен преку српскиот јазик. Порано (па и сега) онаа фискултурна справа, два обрачи врзани за ортома, ги викавме КАРИКИ. Се разбира, тоа е погрешно. Имаме ние свои зборови за тој предмет. Нели се вели дека – “Синџирот е јак колку што е јака најслабата АЛКА”. Затоа, на зборот КАРИКА не треба да му се дава државјанство. Не ни треба.

Во последно време почнавме да ја слушаме и именката ЗАРЕЗ. Одамна не бевме ја чуле. На македонски тоа е ЗАПИРКА. Ама ете, од службено лице, за време на изборите бевме информирани дека на тоа и тоа место на гласање излегле – девет ЗАРЕЗ два ПОСТО. Двојна грешка има овде. Рековме дека ЗАРЕЗ е ЗАПИРКА, а тоа ПОСТО, ретко да го чуеме како што треба, како што е правилно. ПОСТО е погрешно и за среќа сега поретко го слушаме, но затоа пак од сите новинари слушаме – ОТСТО. Потребното и правилното е НАСТО. Сто НАСТО, Дваесет НАСТО (на сто) и така натаму.

За време на изборите, во двата круга, се изнаслушавме информации за тоа колку гласачи излегле да гласаат до толку и толку часот. Од најголем број новинари слушавме ваква реченица: “До толку и толку часот гласале толку и толку граѓани со право на глас”. Нелогичност! Па нема белки да бидеме информирани колку граѓани гласале кои немаат право на глас. Чудна грешка! Се знае дека гласаат исклучиво тие што имаат право на глас.

Една новинарка вели дека решавањето на тој и тој проблем БАРА и ИЗИСКУВА тоа и тоа. Каде ли го најде глаголот ИЗИСКУВА?! Тој не е наш, а значи исто што и БАРА.

На некоја од телевизиите, во една емисија слушнавме определена загриженост за македонскиот јазик. Меѓу другото, вината ја гледаат во тоа што голем дел од населението го користел својот дијалект и не го знаат литературниот јазик. За да го докажат тоа, со микрофонот в раце шетаат по пазарот и ги прашуваат обичните луѓе за определени зборови. Прашуваат една продавачка на зеленчук дали знае како се викаат литературно ФРЕНКИТЕ (домати). Жената, се разбира, не знае и со тоа ја потврдува тезата на новинарката. По погрешен пат тргнала новинарката за да стигне до вистината. Нека го земе микрофонот и нека го праша нејзиниот колега што значи тоа ОТОМ – ПОТОМ, како се вика ПЛАВУША на македонски, нека ги праша нејзините колеги дали на македонски се вели НАРОДОТ БИРА или НАРОДОТ ИЗБИРА. Многу нешто ќе има да ги праша своите колеги. Нека ги праша и интелектуалците, магистрите, докторите на науки. Нека ги праша политичарите. Нека ги праша колку го знаат македонскиот литературен јазик и дали воопшто го знаат. Тогаш ќе и стане јасно кој го расипува јазикот. Тогаш ќе и стане јасно каде треба да го бара одговорот. Нека ја остави намира продавачката на ЧУШКИ и ФРЕНКИ (пиперки и домати).

Благоја Ивчески

Loading