БЛЕСНА КУЌАТА НА БЕКТЕШОВЦИ

Во нов и автентичен лик блесна куќата на Бектешовци, која беше реновирана од Заводот и Музеј во рамките на проектот на Министерството за култура за реставрирање на старите архитектонски градби во земјата. Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и градоначалникот Марјан Ристески, сопственикот Трајче Бектеш, не го криеја задоволството од реконструираниот објект.

– Среќна сум и возбудена што сум тука, во реновираната куќа, која сама по себе е музеј, како надворешно така и внатрешно. Градена од Петре Бектеш, татко на сегашниот сопственик Трајче, куќата ја запазува европската градителска традиција во земјата. Освен тоа внатре се наоѓаат многу вредни антиквитетни работи – рече министерката.

Градот се гордее што има вакво богатство.

– Куќата е бренд во архитектурата. Ќе ја реконструираме и фасадата на ОУ ,,Кочо Рацин,, а во соработка со Министерството ќе се промени ликот на објектите од Старата чаршија – најави градоначалникот Марјан Ристески.

Сопственикот Трајче Бектеш, видно возбуден вели дека многумина кога ќе ја видат куќата мислат дека е црква, па дури се крстат, додека некои доаѓале само да ја разгледаат.

Завод и Музеј за реконструкцијата вложи три милиони денари, а со проектот ќе бидат опфатени уште 14 стари куќи од градска и амбиентална архитектура градени од 1900 па се до 1930 година.

Loading