ПУШЕЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО

Како да е одамна поминато времето кога беше поголема грижата за јазикот. И навистина беше поголема. Не велиме дека тогаш не се правеа никакви грешки но сакаме да ја потврдиме поголемата грижа. Ќе приведеме само еден пример.

Во последно време, пушењето е мошне честа тема. Се укажува на штетноста и како резултат на тоа се забранува. Не смее да се пуши во затворени простории – канцеларии, ресторани, дуќани и така натаму. Насекаде гледаме изналепени предупредувања – ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ. Никој не сака да помисли дека тоа е погрешно. Едноставно, луѓето гледаат и слушаат дека во српскиот јазик таа порака гласи ЗАБРАЊЕНО ПУШЕЊЕ и ние веднаш го прифаќаме тоа, го “помакедончуваме” и – ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ. Е, порано не беше така. Не пишуваше така. Во Здравствениот дом во Прилеп (Уредот) во некои од ходниците уште постојат таблички на кои пишува – ПУШЕЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО. Тоа можеме да го сретнеме и во старата болница, каде што е сместена службата за итна помош. Секаде на друго место, па и во болниците, каде што е извршено темелно реновирање, исфрлени се старите таблички и поставени се нови, “модерни” – ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ. Зборот ЗАБРАНЕТО е придавка (глаголска), но речиси го има наполно изгубено глаголскиот карактер. Во случајов зборот ЗАБРАНЕТО не ни го укажува тоа дека тука не смее да се пуши, туку повеќе го објаснува карактерот на дејството, на пушењето. Прилега повеќе на некаков наслов од некоја фирма, да речеме – “ТОЧЕНО ПИВО”, или којзнае уште како. Недостасува глагол, во случајов, помошниот глагол СУМ во сегашно време, трето лице еднина, кој гласи – Е. Затоа, некогаш, убаво си беше напишано – ПУШЕЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО. А вака, со испуштање на глаголот, не може да се соопшти ни наредба, ни молба, ни забрана. Сега и на кутиите од цигарите има некакви предупредувања за штетноста од пушењето. Замислете, кога би пишувало – ШТЕТНО ПУШЕЊЕ, по примерот на она – ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ. Затоа, ако постои таков текст тој треба да гласи – ПУШЕЊЕТО Е ШТЕТНО. Глаголот (Е) неопходен е и тука.

Да заклучиме! Не треба да гласи – ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ, туку – ПУШЕЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО. Во Речникот на македонскиот јазик (тритомниот) ова е објаснето, во првиот том на страницата 188.

Чудно е, зошто и оние луѓе од графичките работилници каде што се изработуваат овие налепници и плакатчиња, никого не консултираат, ако веќе не знаат и самите. А евидентно е дека не знаат. Затоа, каде и да се завртиме ќе прочитаме такво погрешно предупредување – ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ, наместо – ПУШЕЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО. Можно е тоа да биде и по обратен ред – ЗАБРАНЕТО Е ПУШЕЊЕТО.

Ваквата грешка не се прави само во врска со пушењето. Во Паркот на Револуцијата во Прилеп има поставено табли на кои пишува – ЗАБРАНЕТО ФРЛАЊЕ ОТПАДОЦИ. И тоа повеќе личи на некаков наслов отколку на предупредување. И тука е испуштен глаголот (Е). ЗАБРАНЕТО Е ФРЛАЊЕ НА ОТПАДОЦИ, така треба да гласи текстот. Конкретно, во тој текст на таблите има и многу други грешки, но сега нема да зборуваме за нив.

Во моментов, додека го пишуваме сево ова, на една од телевизиите се емитува некоја контактна програма. Темата е нешто во врска со рамноправноста на жените. Се јавува една госпоѓа која, според начинот на зборувањето, сака да се прикаже како мошне културна. Објаснува нешто за жените и вели дека жената била КРХКА. Македонскиот збор КРЕВКА не и беше веројатно доволно уверлив, па употреби туѓ збор. Таа направи и многу други грешки, но нив ги слушаме редовно, а зборот КРХКА не сме го чуле.

Грешки, грешки!

Желбата за елиминирање на тие грешки ни е мошне “крхка”.

Благоја Ивчески

Loading