КУЛТУРАТА ВО ЈУРИШ

Ане Лашкоска, пратеник – член на собраниската комисија за култура

Исклучително важен документ за Македонците и за културата

Собранието на Македонија ја донесе Националната стратегија за развој на културата во период од 2013-2017 година. Тоа е исклучително важен документ за развојот на културата, заради тоа што е прв стратешки акт, базиран на стручни анализи, научни сознанија и со акционен план за реализација. Пратеникот Ане Лашкоска од редовите на ВМРО – ДПМНЕ е член на собраниската комисија која гласаше за стратегијата.

Што носи новата стратегија?

Националната стратегија за развој на културата, која веќе е во сила, е плод на стручни лица од Министерството за култура и оние кои со години ја следат културата. Беа консултирани многу членови на МАНУ и експерти од странство. Нацрт-текстот го разгледаа преку 150 субјекти од областа на културата, национални и локални установи, релевантни институции, од МАНУ, до многу невладини организации и здруженија и државните органи. Имплементирани се сите забелешки и сугестиите дадени на организираната јавна дебата на оваа тема од Министерството за култура. Културата денес е подрачје од кое извираат творечки односи и предизвици, релевантни за вкупниот современ развој. Затоа улогата на државата, како институционална рамка, е да ги стимулира, помага, унапредува и да ги развива културните односи во општеството. Во функција на целосна интеграција на културата, приоритетно е таа да се третира како дел од сите развојни планови на општеството. Имаме богата култура. Стратегијата ќе ја зајакне и ќе го заштити македонското културно наследство.

Дали културата ќе го поттикнува посилно општествениот развој?

Во изминативе неколку години Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, како ниту една друга Влада претходно, посвети значајно внимание на негување и афирмација на традиционалните и современи културни вредности. Се вложуваше и се вложува во објектите и уметниците. До доаѓањето на оваа Влада, културните установи, такаречи, кубуреа со стручен кадар, а сега е зголемен бројот на вработени уметници. Внимание се посветува на конзервацијата и промоцијата на археолошкото наследство, исклучително важно за земјава. Културата се стави во функција на општиот развој, реставрација, конзервација и промоција на културното наследство, развивање на културниот, археолошкиот и амбиенталниот туризам како една од најголемите можности за промоција на културата и обезбедување на дополнителни приходи, сузбивање на недозволена трговија со културни добра, поттикнување и развој на културата на локално ниво, поврзување и зачленување во меѓународни асоцијации и фондови за користење техничка, финансиска и стручна помош. Се посветува значајно место на македонскиот јазик, бидејќи сме сведоци на непочитувањето на законските мерки и владее недоволна грижа за македонскиот  јазик во  разни сегменти и на разни нивоа. Се предлагаат мерки со рокови за осовременување на литературниот јазик. Во среднорочието, кај издаваштвото се нагласува финансиската поддршка во создавањето на книжевниот уметнички продукт, во  диструбицијата и пласманот на книжевниот продукт, како и во културната и социјалната функција на издаваштвото. Новите предизвици промовираат нови форми на ликовно изразување, кои наметнаа потреба од менување на класичните галериски услови за презентација на ликовните проекти. За да се подобрат условите за развој на ликовната уметност и презентација, стратегијата предлага подобрување на условите за  професионално функционирање на постоечките галериски простори како и отворање на нови. Внимание е дадено и на музичко сценската дејност, на стимулирање на творештвото, пред сé, на  домашните автори, поддршка на новите форми на изразување и на  независната музичка сцена, создавањето на музичкото наследство.

Ќе се одржува тенденцијата на доекипирање на културните установи?

Сведоци сме на исклучителна фаза на развој на театарската дејност во Прилеп и во Македонија. Во стратегијата сосема оправдано е идентификувана единствено потребата за осовременување на сценската технологија на театрите и онаму каде што е потребно доекипирање со стручен кадар. Значајно место зазема прилогот за културно наследство (недвижно, музејско, библиотечно, заштита на аудиовизуелни добра, духовно културно наследство). Посебно место заземаат и административните, организациските и финансиските мерки во културата. Изградба и оддржување на современа инфраструктура и опремување на културните установи. Овие неколку години е решен  проблемот со децениската неекипираност на установите, односно  уметничкиот кадар, кој со години беше третиран со договор за дело, а доби трајно вработување. Се вработија многу млади актери во сите театри и во останатите институции од областа на културата. Трудот на уметниците конечно се евалуираше на вистински начин и со зголемување на примањата. Средствата за стратегијата се обезбедуваат во буџетот на Македонија, а Министерството за култура е должно секоја година да доставува извештај до Собранието што сработило.

Што ќе добијат културните институции во градот?

Нашиот град има исклучително богата историја и култура значајни за Македонија. За нашите културните установи се предвидува зголемување на  бројот на професионално обучен кадар, подигнување на професионалното ниво на менаџирање во културата, модернизација и зголемување на библиотечниот фонд, промоција и презентација на културното наследство, заштита на духовното културно наследство. Планирано е осовременување на театарот, набавка на потребна опрема итн. 

Loading