НАГРАДНИ ИГРИ

Историја

Во најдобрите времиња од егзистирањето на спортот во градов, се организираа наградни игри. На тој начин се “пумпаше” атмосферата и се додаваше мотив кај навивачите за масовност на трибините. Во сеќавање се купиштата награди за зимските турнири во мал фудбал. Секој ден доделуваа чадори, пакети прехранбени производи, чоколади, торти, техника, вентилатори и слично, а на финалето најсреќниот доби – автомобил.

И на фудбалски натпревари имаше вредни добивки за тие кои купиле влезници. Уште во третата југословенска лига се организираше цела пролет наградна игра и сите билети се собраа во голем куп последното коло. Најсреќниот ја доби колата. Последен пат голема наградна игра имаше на 17 септември 1995, кога клупски претседател беше Димитар Мавцоски. На полувремето од дербито Победа – Вардар (1-1), дете со врзани очи извлече влезница и според серискиот број се јави најсреќниот од трибината, награден со аплаузи од 10 илјади присутни, кои му посакаа со среќа да ја вози. Автомобилот беше Фолцваген Поло, од компанијата Асиба МГ.

Навивачите не доаѓаа само за наградната игра, туку ги влечеше и фудбалот. Така еден добитник изјави “Да може, ја враќам наградава за три бода на Победа”.

Loading