ГРЦИЈА БИЛА “ЗАТЕЧЕНА”

До кога ќе го преведуваме српскиот јазик (често погрешно) и на таков начин ќе го “збогатуваме” нашиот јазичен фонд? До кога ќе преземаме од српскиот јазик зборови, кои ги има и кај нас, но многупати и со поинакво значење?

Да не должиме многу. Грција испратила меморандум за разбирање. По некое време одговор испратила и нашата Влада. Медиумите, нормално, нé известуваат за тоа. Од една телевизија слушнавме: “Македонскиот одговор ја ЗАТЕЧЕ Грција”. Грешка што ја слушаме многу често и од многу медиуми, од многу новинари. Глаголот ЗАТЕЧЕ го има во нашиот јазик, но со поинакво значење. Има, всушност, две значења, но и двете се различни од она што го има во српскиот јазик. Првото значење на глаголот ЗАТЕЧЕ објаснува дека нешто започнало да тече. Ако некој вари ракија ќе рече дека таа ЗАТЕЧЕ (почна да тече) во толку и толку часот, а во толку и толку ДОТЕЧЕ.

Второто значење на глаголот ЗАТЕЧЕ, како што е објаснето во Речникот, значи ЗАВАРИ. “Го бараше дома, но не го ЗАВАРИ (затекна)”. “Полицијата го ЗАТЕЧЕ (затекна, завари) крадецот на дело”. Примери има многу. Повеќе се употребува ЗАТЕКНА, отколку ЗАТЕЧЕ или ЗАВАРИ. ЗАВАРИ, речиси и како да е подзаборавено, се разбира неоправдано. Во Речникот е даден еден многу интересен пример: “Заварила три деца и природила уште четири”. Значи, некоја жена се омажила за вдовец и во неговата куќа нашла (заварила) три деца и уште четири природила. Глаголот ЗАВАРИ се употребува и во случаите при составување на два усвитени метални предмети – ЗАВАРУВАЊЕ (швајсување). Нашиве луѓе, тоа дејство, пак под влијание на српскиот јазик, го викаат ВАРЕЊЕ, а тоа кај нас значи сосема нешто друго ( варење компири и слично ).

Истата грешка е направена и во случајот дека Грција била ЗАТЕЧЕНА од одговорот. Србите велат така кога ќе се случи нешто ненадејно. Кога некој ќе биде најден неподготвен, изненаден. Кај нас тоа може да се објасни на повеќе начини и со повеќе зборови. Да речеме, Грција можела да биде ЗАЧУДЕНА или ИЗНЕНАДЕНА или ЗБУНЕТА од брзината на одговорот. Има веројатно и други зборови или изрази кои можат да се употребат, но зборовите ЗАТЕЧЕН (затекнат) не можат да се користат во ваквите случаи. Тоа си е друга работа во српскиот јазик. Таму тоа си е во ред, но кај нас не оди.

Но дека кај нас се може да оди, ќе приведеме уште неколку примери. И во српскиот јазик, а и во македонскиот ја има именката СТОЛ, но со различни значења. СТОЛ на македонски е оној предмет што служи за седење, а на српски СТОЛ значи маса. А колкупати сме слушнале на нашите телевизии да се вели – Операционен СТОЛ, наместо операциона МАСА. Оваа грешка сме ја слушале од обични луѓе, од лекари но и од новинари. А јасно е дека никој не прави операција на СТОЛ, освен некои поситни, локални хируршки интервенции.

Именката ГУЖВА, исто така, ја има во двата јазика, но и тука значењата се различни. Ние Македонците без да мислиме многу, без никаква потреба необично често ја употребуваме таа именка кога станува збор за ТУРКАНИЦА, МЕШАНИЦА, НАВАЛИЦА, МЕТЕЖ. А сите забораваме, младиве дури и воопшто не знаат дека во македонскиот јазик зборот ГУЖВА означува некаков метален обрач.

Зборот РОБА го слушаме секој ден и од медиумите, а и во сите приватни дуќани. Домашниот фустан кај нас се вика РОБА, а сите производи што се во продажба се викаат, односно треба да се викаат СТОКА. Некоја чудна сила го наметнала фактот сите да велат РОБА, наместо СТОКА.       

И за СТОЛОТ и за ГУЖВАТА и за РОБАТА сме се изјаснувале и порано. Сега ги повторуваме тие зборови само за да го потврдиме фактот дека позајмуваме зборови од српскиот јазик, а тие кај нас имаат поинакво значење и со тоа правиме голема грешка.

П.С. Штотуку го завршивме написов, чувме од една телевизија дека и Израел бил ЗАТЕЧЕН од нападите на Хамас.

Веќе не сме “затечени” од вакво нешто. За жал, тоа станува редовна девијантна појава.

Благоја Ивчески

Loading