ДОЈДЕ БИТОЛЧАНЕЦ

Победа јуниор

Регистриран е првиот од неколку потенцијални засилувања за второлигашот Победа јуниор. Тоа е напаѓачот Синиша Станковски од Пелистер, кој стекнува право на настап по два месеца. Вратата на клубот е отворена и се очекуваат уште неколку нови. Од досегашните важно е враќањето на Филип Милошески, кој по повредата паузираше и полека влегува во тренажен процес. Екипата настојува да го задржи барем ланското ниво. Тоа нема да е едноставно по заминувањето на Тони Мегленски, Александар Ристевски и Даниел Карчески.

Одиграни се три пријателските натпревари. По победата над Корзо 1-0 со голот на Александар Чешелкоски, следеа два пораза. Прво беше со 3-1 на гости кај Новаци и покрај водството со голот од пенал на Христијан Петрески, а во неделата подобро со 2-1 беше Братство Житоше на мечот во Лажани. Голот и на овој дуел е дело на Чешелкоски. Четвртиот тест никако да дојде на ред, бидејќи поради немање услови двапати откажува скопска Локомотива, така што викендов е надежта за меч со прволигаш, Пелистер или Напредок.

Повеќе ведрина во клубот донесоа ветувања од управата за подобар третман напролет.

Loading