КАУБОЈКА НА НИВА

На девојката од сликата и недостигаат само каубојски шешир и чизми со мамузи, па да изгледа како содружничка на Вајат Ерп. Ама момата е наша, прилепчанка, а и фотката е од 60-те години на минатиот век. Далеку е од Тексас и дивиот запад, а не знаеме дали пушката ја држи за чалам или го чува полето од неканети гости.

По ослободувањето, жените се еманципирале и биле скоро рамо до рамо со машките. Боже чувај, ако ова се случело пред неколку децении. Прилепчанки од уста немало да ја вадат чупата што јава коњ, па и пушка држи. Резилите ќе биле и за момата и за фамилијата, оти несфатливо било жена да седи на коњ со расчекорени нозе во патријархалниот град. Жените на коњите и магарињата седеле со обете нозе на едната страна.

По се изгледа дека мигот е овековечен додека се одморале од бербата на тутунот, па во близина биле коњите за товарање. Босоногата девојка, веројатно од некој беќар во близина му ја зела пушката па позирала како Каламити Џејн од стриповите.

Loading