КРСТОТ И ДОНЕСЕ РАБОТА НА ПЕТКОСКА

Елеонора Петкоска ќе ја памети оваа година за среќна по тоа што ќе добие вработување во Жито Прилеп, поради наоѓањето на паричката во бурекот на фирмата за Православната нова година или Василица. Сопственикот на Жито Прилеп Ѓорѓија Џорџ Атанасоски пратил абер од Америка, ако среќниот добитник на златниот крст е невработен, да се вработи во компанијата. На Елеонора í се насмеа среќата двапати. Покрај подарокот, златниот крст, таа ќе биде вработена во новата продавница во населбата Точила за неколку месеци.

– Бурекот го зедов од продавницата кај судот. Паричката падна во моето парче. И сефте ме “нараси” к’сметот. Во завитканата обична паричка со стениол стоеше ливче во кое пишуваше дека сум добитник на златен крст и пакет производи од фирмата. Им кажав дека сум невработена, а тие ми приредија уште едно изненадување. Ми понудија работа во нивната нова продавница што ќе ја отворат. Прифатив со задоволство. Луѓето ќе ни помогнат да ја подбриме социјалната состојба, затоа што не сме вработени со сопругот. Очекувам среќата да биде придружена со здравје за целото семејство – радосно вели Елеонора.

Директорот на Жито Прилеп, Горан Јанков, вели дека поставиле паричка во сите 1800 тепсии со бурек. Една била со порака за добивка на златен крст од десет илјади денари и пакет со производи од фирмата.

– Сопственикот нарача добитникот да се награди и со вработување, ако нема работа. По две недели, се јави Елеонора, која ја подигна наградата и ќе стане уште една членка во колективот со 125 работници – вели Јанков.    

Тој додава дека напредува бизнисот заедно со среќата за добитничката на крстото и вработувањето.

– Добра е годинава особено кај белите печива и новиот леб – Сомун, кои се бараат сé повеќе. Затоа ќе отвораме и нови продавници – вели Јанков.              

Loading