ШЕСТ ГРАДСКИ ДЕРБИЈА

Фудбал: Наесен второлигашки пресметки

            По влегувањето на Корзо, со отпаѓањето на 11 Октомври и спасот на Победа јуниор, трите градски ривали се собраа во иста лига, Втората. Не се памети нешто слично. Ако може да се спореди со Белград, таму се три големи клуба Црвена звезда, Партизан и ОФК Београд. За кого да се навива? Победа е бренд, кој две години бледнее, 11 Октомври го презеде приматот за кусо, а Корзо со брз подем придоби симпатизери.

            Со нетрпение се очекува ждрепката и распоредот, кога ќе биде првото дерби од шесте во цело првенство. Се очекува многу публика. Пред две години, во Трета лига Победа јуниор двапати го совлада Корзо, со 3-1 и 6-0. Победа и 11 Октомври одамна немаат првенствен меч. Последните пресметки за бодови се пред повеќе од 30 години. Во сезоните 1978/79 и 1980/81, во тогашна Републичка лига се одиграни четири меча, а сите ги доби Победа. Натаму клубовите соработуваа и одигруваа тестови сé до згаснувањето на старата Победа. По казните од УЕФА цели две години немаше пријателски, се до зимоска, кога на Спортски центар со 3-0 победи 11 Октомври.

            Втората лига стартува на 11 август. Играчите се на одмор. Од Корзо нема информации за играчки промени, од 11 Октомври заминуваат Коруновски, Игески, Петрески, Гешоски и се чекаат нови, а Победа јуниор останува без Трајкоски и Талески.

Loading