ПОСТЕПЕНО ИСКАЧУВАЊЕ КОН СУПЕР ЛИГА

Ракомет: РК Прилеп се оформува по современ модел

Организациски сме повисоко ниво од сите прволигаши и повеќето суперлигаши – вели претседателот, Александар Мариновски

            На задоволство на ракометните љубители, по година ипол се обнови машкиот клуб РК Прилеп, преку воведните, двомесечни тренинзи на 30 играчи во салата “Сонце”. Се очекуваат претензии на долги патеки. Оптимизмот произлегува од потезите на управата, претседателот Александар Мариновски, членовите Рубин Седлоски, Бобан Петрески и тренерите Орде Илиески, Страшо Илиески и Ице Соколоски. Одиме по замислениот концепт. Вративме дел од искусните играчи и приклучивме помлади. Добри се условите за тренинзите  во сите објекти од Општината. Без проблем ќе реализираме подготовки во август – вели претседателот Мариновски, некогаш крило на кадетскиот Тутунски. Во РК Прилеп преовладуваат млади луѓе, полни со ентузијазам, да постигнат повеќе. Клубот се оформува по современ модел, со бројна управа и повеќе спонзори. Добредојдени се средствата од Општината за основните трошоци. Прифатив да бидам прв човек на клубот за да донесам нови идеи. Како сопственик на конфекцијата “Кули”, верувам дека менаџирањето од таму е применливо и во клубот. Веќе организациски сме на повисоко ниво од сите прволигаши и повеќето суперлигаши. Не брзаме, ќе се приближуваме кон повисокиот ранг за година – две – најавува Мариновски.

            Првотимците на РК Прилеп добија околу 50 дена одмор. Кон средината на септември се очекува стартот на машката Прва лига.

            Втор ветерански спектакл

            Неодамнешниот хуманитарен ветерански ракометен спектакл беше прекрасно прифатен и ќе се памети долго. Најмногу радуваат полните трибини со публика. Во РК Прилеп размислуваат за почести настани од ваков карактер.

            – Живна ракометот. Убаво е да има втор спектакл – смета Мариновски.

Loading