ЗА МАКА СМЕ РОДЕНИ

Кутриот наш Македонец. За мака е роден. Гостин во телевизиска емисија. Тема е економијата. Гостинот, економист. Зборува за економијата, за стопанството во Македонија. Зборува и објаснува дека на нашата економија и е потребна помош. Потребен и е некаков стимул. Се мачи да го најде вистинскиот збор. Прави пауза, се мисли. И го најде најпосле зборот. Ни кажа дека на нашата економија í е потребен ПОТСТИЦАЈ. Се помачи малку човекот и го реши проблемот. Можеби и нему му требаше “ПОТСТИЦАЈ” да го најде македоснкиот збор ПОТТИК. За жал, немаше кој да го ПОТТИКНЕ. Во некои слични околности може да се употреби и ПОТСТРЕК и СТИМУЛ и ИМПУЛС, сепак, најдоброто е ПОТТИК. ПОТСТИЦАЈ не доаѓа и не треба да доаѓа во ниедна комбинација. Тој збор не е наш.

Кога стануваат нашите луѓе пензионери, кога го прекинуваат работниот однос и поради некоја друга причина слушаме дека фирмата им исплатила ОТПРЕМНИНА. Ова го слушаме на малите екрани, го читаме во весниците. Го слушаме од фирмите што го исплаќаат тој паричен надоместок. А го слушаме и од оние што го примиле. А зошто? Зошто го употребуваме тој збор? Ние немаме глагол ОТПРЕМИ. ОТПРЕМИТИ е српски глагол. Кај нас тој гласи ИСПРАЌА. Ние ги ИСПРАЌАМЕ децата на училиште, ги ИСПРАЌАМЕ гостите, ИСПРАЌАМЕ пакети и така натаму. Според тоа, парите што ќе му ги дадеме на човекот кога заминува од нашата средина ќе бидат ИСПРАТНИНА, а не ОПТРЕМНИНА. Во Речникот на македонскиот јазик регистрирани се глаголите ИСПРАТИ, ИСПРАЌА, ИСПРАТУВА. Внесени се и именките ИСПРАЌАЧ и ИСПРАТОК. Ја има и глаголската именка ИСПРАЌАЊЕ. Зборот ИСПРАТНИНА го нема, од едноставна причина што кога се изработуваше Речникот ваквото исплаќање на надоместок не се практикуваше. Инаку, логично е тоа, треба да биде ИСПРАТНИНА, а не ОТПРЕМНИНА. Може и ИСПРАТОК, но сметаме дека тоа сега потешко би се прифатило, иако е правилно и го има во Речникот. Глагол ОТПРЕМИ и именка ОТПРЕМНИНА воопшто нема во Речникот.

Во претходните реченици неколкупати ја употребивме именката НАДОМЕСТОК. Чудно е зошто нашиве луѓе, особено на малите екрани и во Парламентот наместо НАДОМЕСТОК употребуваат НАДОМЕСТ. Во Речникот е одбележана и именката НАДОМЕСТ, но со упатување дека правилното е НАДОМЕСТОК. Исто како кога нешто недостасува се вели дека е НЕДОСТАТОК. Можат да се бараат повеќе примери. Јасно е дека правилно е да се вели НАДОМЕСТОК. Зошто луѓето упорно настојуваат НАДОМЕСТ?! Дали затоа што станува збор за пократка форма или пак (што е најверојатно) од незнаење.

Разбојници упаднале во некоја куќа. Извршиле двојно убиство, а целата куќа била ПРЕТУРЕНА. Вака бевме информирани на една национална телевизија. Само уште една потврда за недоволно внимание или поточно речено – незнаење. Зборот ПРЕТУРЕН (ПРЕТУРЕНА) во нашиот јазик значи сосема нешто друго. На пример, виното е ПРЕТУРЕНО од бочвата во шишињата. Значи дека се ПРЕТУРА од еден сад во друг. Можеме да речеме дека цел ден врне тура, дури и ПРЕТУРА. Велиме многупати дека јаболката годинава се ПРЕТУРИЈА од род, ако сакаме да кажеме дека родиле многу. Во српскиот јазик тој глагол значи сосема нешто друго, превртено, пребарано, разбуричкано, расфрлено. Куќата во која влегле крадците била сета испревртена, се било разбуричкано, ничкосано, а не ПРЕТУРЕНО.

Чувме од еден пратеник ваква реченица: “Има една ОПАСКА”. Од каде му дојде ова на ум и дали го знае вистинското значење?! ОПАСКА не е наш збор а значењето му е ЗАБЕЛЕШКА, НАБЉУДУВАЊЕ, ЗАБЕЛЕШКА ВО КНИГА.

Колку и да се трудиме, не можеме да ги забележиме сите грешки што ги слушаме. Особено на малите екрани.

Загрижувачки податок! Се јавуваме во телевизија Сител. Го бараме лекторот да укажеме на некои грешки што ги слушаме. Ни се јавува женски глас и откако поразговаравме ни соопшти дека Сител нема лектор. Уф! А им требаат многу лектори.

Благоја Ивчески

Loading