Плејофот со душа го чекаме на 10 март

Ракомет: Жито Прилеп во борба за трофеј

Ривали се четири најдобри од домашната лига, плус Металург

Привршува здодевната Регионална лига од која остануваат четири меча и се приближува вклучувањето на Жито Прилеп кон домашната Супер лига. Распоредот на 10 кола од плејофот ќе биде дефиниран на 9 март, а ден подоцна е стартот. Борбата е за титулата со кој друг, ако не Металург. Останатите ривали се првите четири најдобри. На моменталната табела тие се: Вардар, Куманово, Гевгелија и Б Металург. Пет меча дома, пет надвор. Одиме највисоко. Ако не во првенство, барем да земеме трофеј во купот. Еден пехар заслужуваме – велат потпретседателот Звонко Јанков и секретарот Дарко Димовски. Празнината се пополнува со пријателски мечеви. Голема радост имаше по победата од 31-13 (12-5) дома со велешки Леов бартек. Се наметнаа најмладите првотимки, кои ретко добиваат шанса. И се покажаа. Се запишаа меѓу стрелците пивотот Цаневска со три гола, бекот Петлеска со два, крилото Ѓорѓиоска со еден, а деби гол имаше и искусната, единственото засилување, десното крило Здравевска. Се создава хармонија. Победите не се толку битни, колку хармонијата. Задоволен сум од најмладите. Десет минути беа доволни да покажат силна желба – смета Методија Петлески, тренерот. Подготовени се за првенственото гостување по недела – две кај Металург во Скопје. До тогаш има време за уште една пријателска, покрај претходните три. Беше победен Б тимот на Металург на гости, а дома Гевгелија и Леов бартек. Понуден е со Б тимот на Металург реванш во Прилеп.

Реално е 5. место

Претстојат три гостувања во Регионалната лига. Првото е кај Металург во Скопје, после во Србија, на Заечар и Раднички во Белград. Може да се очекува победа со Раднички. Дома се гарантирани бодовите против најслабиот, Бисери од Црна Гора. Извесно е петтото место, под Будуќност, Заечар, Јагодина и Металург, над Раднички и Бисери.

Loading