Полусезоната да заврши со победа

Фудбал: Утре последно есенско коло за 11 Октомври

Противник е жилавиот Напредок од Кичево

Екипата на 11 Октомври не може да избегне од дното на табелата, но пред зимската пауза може да постигне уште една, трета есенска победа. В сабота (13 ч.) гостува незгодниот кичевски Напредок. Не е сеедно дали со девет или со 12 бода ќе се чека пролетниот дел и борбата за опстанок. Трите бода се неопходни. Нема штедење, сите сили ги вложуваме за нив – велат од 11 Октомври. Тимот на Трајче Илиоски врза два пораза на гости, од Тетекс во Тетово (1-0) и од Работнички во Скопје (3-1). Малку падна расположението, бидејќи се посакуваше барем бод плус во салдото. Пропуштеното се надополнува во преостанатите 16 кола само со успешна серија, а таа мора да стартува веќе утре. Правиме сé да фатиме приклучок со конкурентите. И со најмали шанси, ќе се бориме за спас – порачуваат од 11 Октомври. Клубот бара поддршка од навивачите, бидејќи ривалот е цврст тим, кој собра 20 бода за осмо место. Голман е поранешниот на Победа, Пашовски, “бомбардер” од далечина К. Степановски, а тренер, некогашниот играч на Победа, Бочески. Во домашните редови на голот е Коруновски, во одбрана Димитриоски, Обрадовиќ, Ф. Мирчески, Велјановски, во средината Кулески, Петрески, Дунимаглоски и Апостолоски, во нападот Гешоски и Мојсовски.

Гешо втор стрелец

Есенва не му оди на 11 Октомври, но растура голгетерот Благоја Гешоски. Даде 10 гола, од 13. Останатите се на Мојсовски, Ацески и Велјановски. Гешоски е втор стрелец во Лигата, зад членот на лидерот Вардар, Филип Ивановски кој има 14 гола.

Loading