Редовно имам информации за младите во “11-ти… “

Фудбал: Бобан Бабунски, младински селектор

Гледаме можност за пријателска во Прилеп – вели стратегот

При општо разочарување од фудбалот, оптимизам доаѓа од младата репрезентација до 21 година. Не признава рејтинг листа и во првите три квалификациски кола за ЕП нема пораз. Дома изваде реми 1-1 со фаворитите Србија и Данска, победи 1-0 со Фарски Острови. Успехот не е случаен, туку очекуван од селекторот Бобан Бабунски. Заслугата е на играчите, самоуверени и убедени да ја сменат фудбалската историја, борејќи се за завршницата. Солиднарни се, си помагаат, се караат и пак се дружат, свесни оти можат со секој ривал. Фактор е ФФМ, предводен од Хари Хаџи – Ристески. Одлучија да не остават и поддржат, иако според претходниот биланс требаше сами да заминеме – вели Бабунски. Заложбата е колективен, креативен, офанзивен фудбал, навивачите да се гордеат. Континуирано се држи моделот за контрола на играта во сите фази. Приоритет е да се неутрализира противникот, а зависно колку е силата на ривалот, да се наметне офанзивата. Амбиција е највисок пласман. Посакуваме резултат, најдобар на наша селекција. Досега е според предвидувањата. Следните два меча во февруари, дома со Северна Ирска и во јуни на гости со Ф. Острови, се клучни. Доколку ги добиеме, до крај остануваме рамноправни со конкурентите – смета Бабунски. Пред две години трипати по ред селекцијата играше во Прилеп, 1-2 со Англија, 1-1 со Литванија и 1-1 со Португалија. Во овој циклус најфудбалскиот град како да е подзаборавен. Прилепчани наоѓаат време да ги бодрат селекцииите. Во Маџари играме само од техничко – тактички причини, таму навикнавме на победи. Но, гледаме можност, барем за пријателска под Маркови кули. Оттука е напаѓачот Илија Несторовски, член на чешки Жичков, стрелец со Данска. Неговиот придонес е огромен. Имам редовни информации преку тренерите и за младите во 11 Октомври, пред кои е перспектива – истакнува Бабунски. Меѓу младите македонски фудбалери, пред кои е иднината, се двајцата синови на селекторот, Давид (17) во младинскиот тим на Барцелона и Доријан (15) во кадетскиот на Реал Мадрид. Што најмногу придонесе за нивниот брз развој во таленти од највисок ранг? Најголема среќа што се во најфудбалската земја. Зафатени од фудбалска треска, развија љубов кон топката, играјќи со другарите на улица. Има и многу други фактори, генот… Крушата под круша паѓа – заврши Бобан Бабунски.

Loading