Никогаш поголема шанса за сите

Секое коло нови играчи во 11 Октомври

Последни дебитираа голманот Игески и за врска Наумоски

Речиси не остана првотимец од 11 Октомври без настап на прволигашката сцена. Тимот есенва им дава шанса на сите. Ако некогаш во згаснатата Победа доминираа засилувањата со странци, сега најбројни се домашните. Мечот во Тетово е загубен од Тетекс со 1-0. Дебитираа голманот Александар Игески и за врска, Јорданчо Наумоски. Игески е трет, резервен чувар. Доби можност да стои меѓу стативите, откако се повредија поискусните, Коруновски и Кебакоски. Првиот бранеше на сите есенски првенствени и куп мечеви, а вториот неколку недели тренира со намален интензитет и седи на трибината. Клубот смета на 19-годишниот Игески, двојно регистриран за третолигашот Младост од Кривогаштани, а напролет добива право и врсникот Христијан Сркески, повратник од Силекс. Наумоски е надежен играч за врска. Со 16 години игра на сите страни, во кадетската, младинската и сениорската екипа, во младата селекција до 17 години. Против Турција даде придонес за подвигот и ремито 1-1. Но, доби втор жолт и отсуствуваше со Шкотска. Потоа влезе со Сан Марино, победен со 5-0. Во репрезентацијата соиграч му е Давид Бабунски од Барцелона. И искусните заземаат места. Успеа враќањето по 18 месеци на играчот за врска Оливер Апостолоски. Се отфрлаат старите сфаќања за прва постава и резерва, бидејќи не е отпишан и 25-от на списокот.

Утре кај Работнички

По минималниот пораз од Тетекс, утре е гостувањето кај Работнички. Скопјаните се извлекоа, победувајќи 2-3 во Прилеп и време е среќата да се сврти. Домашниот тим не е фаворит, иако предводен од екс селекторот Ѓоре Јовановски. Гостинскиот на Трајче Илиоски најавува борба за победа. На табелата Работнички е 10-ти со 15, 11 Октомври 12-ти со девет бода.

Loading