Крастата му донела олово во жилите

Коле Небрежанец – најстариот “активен” ловџија

Отстрелал седум свињи во еден ден, но живее со со оловна кугла во аортата

Не го издава страста за лов ниту на 82 години Коле Небрежанец. “Место него фаќа”, иако не го држи баш здравјето. Слухот не му е добар. Инаку, уште гледа низ нишанот на пушките диви свињи, зајаци, лисици, волци и птици. Во ловџиската кариера кутнал преку 250 диви свињи. Не се бројат трофеите од ситен дивеч. Можеби ќе нареди уште некој, зашто, и сега, понекојпат ја “чеша крастата” со колегите од еснафот од ловното друштво “Мукос”. Никогаш не се враќал со празни раце дома. На страниците на богатата “ловечка книга” му се забележани и непријатни моменти кога бил ранет од сачмите на колегите во занесот на надмудрување со животните. Не му се бришат од меморијата ниту пријатните моменти кога од лов со тајфата се враќале со десетина ловечки трофеи. Не му згаснува желбата да ја обеси пушката на рамо и да киниса во “бој”, да пукне и да се надмудрува со инстинктот за живот на животните.

Ловечки ген

На искусниот ловџија, “чивијата” му ја ставиле дедо му и татко му. Фамилијата Небрежанец има ловечки ген. Покрај лебот на трпезата, “наследство” во куќата секогаш било пушката и загарот. Првата дозвола за оружје ја добил во 1947 година. Се радувал како мало дете на чоколадо. А првата пушка му била подарок од чичко му, иако татко му го земал со себе во лов од седум години. Пушката била англиска. Користела црн барут, кој многу чадел и ја нагризувал цевката. Пред нишанот најмногу посакувал да му се појават еребици – камењарки и лисици. Меракот растел за лисиците и за куните, затоа што крзното скапо се откупувало, Најчесто ловел во мариовско, каде даскалувал во селото Дуње. Не памети колку еребици и зајаци кутнале неговите сачми. После се “навртил” и на крупен дивеч.

Ризичен лов

Низ раце му поминале многу пушки. Ја сменил “сачмарката” со ловен карабин. Без автомобили или џипови, станувавме рано и одевме пешки за да нî раздени кај Дервен. Пет-шест души ќе се распоредевме на позиции и ќе почекаме р’тката “Зита” да ги истера дивите свињи пред пушка. Во најдобриот ловџиски ден отепав седум диви свињи со 12 истрели кај селото Врбско. Понекогаш се враќавме “товарени” со по 50 еребици – се сеќава Коле, додека сопругата додава дека софрата повеќе била “послана “ со “диво”, отколку леб. Ловџиската крв кај Небрежанец врие со метална кугла од четири грама зад аортата. Тешко би го пуштиле во авион со олово во телото. Куглата ја “спечалил” при несреќа во 1995 година. Колегата го застрелал со два истрела на пусијата, оти помислил дека неговото војничко палто е дива свиња. Докторите му се шегувале дека “добил седумка на лото”, оти милиметри го делеле од смртта. Нели ловот е ризичен? За среќа, сé минало добро, дури и без судења и малтретирања.

“Бисер” од домашниот арсенал

Омилена пушка му е “Маузерката” од 8,57 м.м. Низ витрините ја има и “љубоморно ја гали”, небаре “мало дете” легендарната М-48, што беше дел од вооружувањето на армијата. Стрелал и со чешката “Брно” и крагуевачката “Црвена застава”. Преферира 8,57 милиметарско оружје, оти куршумот се распрскува и полесно го убива животното. Оружјето го чува како зеница во окото. Чисто е како бисер, иако има и од 1948-ма, а двоцевката му е од 1955г. Мириса на заштитно масло. Од сјајот на цевките, заболуваат очите. Расклопено е во футрола и во заклучена просторија. Зашто, како што вели, малку треба дете да направи од играчка плачка.

Меѓу фудбал и лов

Небрежанец бил и запаленик во фудбалот. Во 50-те играл за Ф.К. Гоце Делчев. Кога се оженил, жена му му дала ултиматум: “Ќе се откажеш или од фудбалот или од ловот”. Пред свршен чин, Коле го напуштил фудбалот.

Loading