Браќа со украински Чернигов

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески и неговиот колега од украинскиот град Чернигов идната недела во Украина ќе потпишат спогодба за збратимување на двата града. Прилепската политичко – стопанска делегација предводена од Ристески од 3 – 7 декември, ќе биде сведок и на парафирањето на спогодбата за меѓусебна соработка меѓу Регионалните стопански комори на Чернигов и Прилеп, која од прилепска страна ќе ја потпише претседателот на регионаланата стопанска комора Симон Наумоски. Во името на Економскиот факултет од Прилеп, Ристески ќе потпише спогодба за меѓуфакултетска соработка меѓу Економскиот факултет од Чернигов и Прилеп. Прилепските стопанственици од Витаминка, Мермерскиот комбинат, Тутунскиот комбинат, Дониа, конфекција Кули и други ќе имаат средба со бизнис секторот од Чернигов во обид да воспостават деловни односи од обостран интерес. Чернигов предлага да се развиваат меѓусебните економски, развојни и културни односи преку директно партнерство меѓу градовите (твининг програми, развој на економски, културни односи), заедничко учество на меѓународни програми и проекти и развој на надворешната трговија меѓу компаниите од двата региона и пошироко. Градот Чернигов има 300 илјади жители. Преку амбасадата на Република Македонија во Киев и Министерството за надворешни работи, черниговскиот градски совет се обратил со барање да се продлабочи со збратимување добрата македонско – украинска соработка. По предлог на амбасадорот Ацо Спасеноски и Министерството, Прилеп ќе се збратими со овој украински град и ќе воспостави економска соработка.

Loading