“Прилепска калдрма” за духовната енергија низ годините

“Прилепска калдрма” е новата книга од авторот Наташа Мирческа, која синоќа беше претставена пред читателите. Трудот го бележи развојот на музиката и музичкото творештво во градот во минатите децении. Пренесен е револуционерниот и реакционерниот дух, кој го поттикнал рокот, како музички правец на 20 век. Раскажана е градската музичка историја од шеесеттите години наваму. Хронолошки, системски и аналитички ги пренесов општествено културолошките градски збиднувања. Ги разоткрив посебните моменти кои овозможиле појава и развој на рок музиката и влијанието на општиот развој – вели авторот Мирческа. Пренесен е растот и падот на десетина музички групи, кои биле авангарда на духот. Се следат Кристали, Рубини, Електрони, Сенки, 007, Рушевини, ЕС, Генеза, Фластер Сити, Ристо бомбата и Кучешка тенија, Бен Хур, Долг тежок пат, Кросроуд блус бенд, Трета димензија и Д Хаундс. Минатото не е завршено. Тоа оставило креативна трага, која носи енергија за анимација на вредностите и во сегашноста – истакнува Наташа. Мирческа е автор на книгата “Вистината за Карпалак”, посветена на десеттемината прилепски загинати бранители во воениот конфликт во 2001 година и на стихозбирката “Веселко”.

Оживеано музичко минато

Издавач е ИК “Ризница”, а на промоцијата говореа рецензентите Марјан Спиркоски и Тренчо Димитриоски. Трудот е од исклучително значење за зачувувањето на еден важен момент од нашиот развој, но и потсетник на потребата за слично проследување и “оживување” на заборавените или малку афирмираните музички пројави, меѓу кои, со вредностите што ги носат, можат да се вбројат и во општиот цивилизациски развој на нашите простори и пошироко во светот – вели Тренчо Димитриоски. Авторот создаде паметник во дослух со времето, искрено посакуван од нашиот град, оти осветли и даде зрак сонце од далеку со познатата источна мудрост – “музиката – обединува” – вели Марјан Спиркоски.

Loading