Будуќност доаѓа на 19 јануари

Ракомет: Жито Прилеп гледа кон пролетниот распоред

Покрај со црногорскиот гигант, преостануваат уште шест меча во Регионалната лига

Поразот на Жито Прилеп од 29-21 кај Јагодина на 9 ноември ја оконча есенската полуетапа од Регионалната ракометна лига за жени, а паузата до пролетниот дел е подолга од два месеца. Според меѓуклупскиот договор, реванш мечот со црногорскиот гигант подгоричка Будуќност е предвиден за 19 јануари. Тие предложија, ние прифативме. Им одговара за тест за продолжението од Лигата на шампионите. Нам добро ни доаѓа за празникот Водици и за многу публика – велат од управата на РК Жито Прилеп. Претстојат седум пролетни натпревари од основната фаза. Дома, покрај со Будуќност, се дуелите со вториот црногорски претставник Бисери Плевља, српските Јагодина и Заечар, а гостувањата се кај Раднички Белград, Заечар и скопски Металург. Дефинитивниот распоред се готви денеска. Присуствуваме во Подгорица. Сите натпревари ќе добијат датуми – најавуваат од РК Жито Прилеп. Навивачите го чекат ставот за вредноста на играчкиот кадар. Летоска беа доведени девет засилувања, од кои шест од странство. Тимот одигра 15 пријателски, пет првенствени и четири во европскиот КПК, од кои може да се даде оценка. Претстои детална анализа. За засилувања, не брзаме. Полна е довербата за актуелните првотимки – истакнуваат од РК Жито Прилеп.

Пет репрезентативки

На силниот турнир “Трофеј Карпати” во Романија, учествуваше репрезентацијата на Македонија, а во составот најбројни, пет, беа ракометарките на Жито Прилеп: голманката Дијана Наумоска, бековите Ивана Петковска, Савица Мркиќ и Марија Штериова, како и пивотот Кристина Илиеска. Останатите беа: четири од Металург, три од Вардар и две од Грција. Селекцијата доживеа порази од Србија, Романија и Унгарија.

Loading