Дрвени тезги на пазар

Дрвени тезги, тек-тук, расфрлени низ просторот на денешната локација, бил некогаш градскиот пазар. Доаѓале земјоделци од селата да ја понудат “сермијата”- зајре, да извадат некоја пара и да однесат градска стока дома, в село. Зарзават и емиш, имало, ама само чорбаџиите си дозволувале луксуз да пазарат не само во среда и сабота. Пазарот ечел од викотот на продавачите, но и од “песните” на кокошките и петлите, од гуските и пајките, па и од мисирките. Кепенците на околните дуќанчиња “зборуваат” дека сиромашна била живеачката и в град. Со малите примања, само за пазарните денови, се полнеле торбите, зумбулите и корпите за неделните потреби од овошје и зеленчук. Месните преработки или храната со месо била куриозитет на трпезите во делник. Се врвела неделата посно – со домати и кромид, и сомуни леб, месен дома на синија, а печен во десетиците малски фурни. Реткост била “насмевката” на сирењето на софрата. Обичните, градските, пазареле понекогаш, за празник, по некоја “мрфка”, свинско од некое прасе. Јагнешкото на трпезата скромно се сервирало само за Велигден. Денес сликата е друга. Во сабота тешко се разминуваат муштериите, дури со количките по нив. Продавачите нудат од “пиле млеко”. Сé има, дури од Нов Зеланд, Јапонија и Кина, дури африкански зеленчуци и јужноамерикански овошја. Не само понудата што е богата, туку и амбиентот е “пораскошен”. Ниту продавачите горат лето во пеколот, или ѕемнат зиме од студот, оти, колку – толку, пазарниот простор е покриен. И купувачите раат пазарат. Ниту ги врне – не ги печи. Уште да имаат повеќе во џебот…

Loading