Лента за старата автобуска

Додека се очекуваат инвеститори за градба на нова автобуска станица со јавно – приватно партнерство, фотографијава ја враќа историјата 40, па и повеќе години назад при означувањето на почетокот на работа на сегашната, веќе руинирана постојка за пристигнување на меѓуградски автобуси. Исечокот од минатото сведочи дека новиот објект во вид на голема барака со чекалница, пултови за издавање билети, простори за одмор на возачите па и ресторан, биле огромна работна победа на тогашната фирма која стопанисувала со автобусите во Прилеп и во чија надлежност била и автобуската станица. Луѓето сметале дека автобусите пристојно ќе запираат, а патниците уште полесно ќе слегуваат или ќе се качуваат. Времињата се променија. Стандардите на услугите се поткачија нагоре. Автобуската остана во старото руво. Сегашните сопственици се мачат да го одржат транспортот на патници со автобуси или сега повеќе со минибуси или поголеми комбиња со силната нелојална конкуренција. Како и да е, ако се подготви квалитетен проект за интеграција на превозот во транспортен центар за автобуси и возови, со деловно – трговски комплекс, кај сегашниот противпожарен дом, конечно ќе се стави крај на автобуската станица в центар, која предизвикува сообраќаен метеж и асоцира само на разделби, а помалку на пријатни средби.

Loading