Репрезентацијата петтипат во Прилеп

Фудбал: Вторник (13 ч.) Македонија – Албанија

Досега победувавме со Малта, Финска и двапати над Албанија

Пријателски меѓудржавен фудбалски меч во вторник (13 ч.) на стадионот “Гоце Делчев”, Македонија – Албанија. Мечот е привлечен поради амбициите на двете селекции да се подготват за прогрес во идните квалификации за СП 2014. Македонија со селекторот, некогашен тренер на Реал Мадрид, Џон Тошак, проверува млади играчи, а делумна смена на неуспешната генерација. Албанија со селекторот Јосип Куже има избор на интернационалци од Италија, Грција, Украина, Германија, Австрија и Романија. Предводници се Ујкани (Навара), Цана (Лацио) и Богдани (Чезена). Сениорската репрезентација петтипат игра во Прилеп. Претходно, во 1996 година ја совладавме Малта со 1-0 (Ќириќ), двапати ја надигравме Албанија во 2000 1-0 (Серафимовски) и 2006 3-1 (Наумоски, Пандев, Д. Димитровски), а падна и Финска 2002 со 1-0 (Ставревски). Билансот со Албанија е мошне поволен. Дома имаме уште победа во Тетово со 5-1, на гости еден пораз 0-2, две реми по 0-0 и една победа 0-1. Вкупно на седум средби, забележавме четири победи, две нерешени и само еден пораз. Репрезентациите во градов доаѓаат в понеделник да одржат тренинзи од 12 и 14 часот. Пред натпреварот специјална награда од УЕФА за 100 настапи ќе прими Гоце Седлоски, поранешен капитен, сега помошник на Џон Тошак во Стручниот штаб.

МАКЕДОНИЈА: Пачовски – В. Лазаревски, Шиков, Д. Мојсов, Лазевски – Шумуликоски, Демири, Ѓуровски, Деспотовски – Тричковски, Наумоски. Селектор: Џон Тошак (Велс).

АЛБАНИЈА: Ујкани – Лила, Далку, Цана, Роши – Лилај, Лала, Тели, Салихи – Бакај, Богдани. Селектор: Јосип Куже (Хрватска).

Loading