Падна големиот Вардар пред командата на Илиоски

Фудбал: Нов тренер и нема страв кај играчите на 11 Октомври

Реванш купот добиен со 2-1 во Струга

Промената на клупата од фудбалскиот прволигаш 11 Октомври донесе позитивни ефекти. Два меча и две одлични игри на тимот предводен од новиот тренер Трајче Илиоски. Прво шампионот Шкендија во Струмица избегна пораз во последните моменти за реми 2-2, а во средата во Струга, на куп реваншот совладан е досега непобедливиот Вардар со 2-1. По водството со голот на Александар Велјановски во 56 минута, сé до 75 минута беше вистинска борба за достигнување на негативата од два гола. Тогаш израмни Филип Петров, а домаќинот не застана, туку напаѓаше до крај за подвиг. Во 84 минута уште еден гол од пенал за Благоја Гешоски и краен исход 2-1. Вардар претходно имаше серија од 18 незагубени дуели: еден минатата сезона, 13 есенва во првенството и четири во купот. Последниот пораз му е на 21 мај 2010 дома од Пелистер. Иако 11 Октомври е елиминиран од Купот, победата на реваншот многу значи и сензационално одекна во јавноста. На телетекст на обложувалницата на ХТВ имаше висок коефициент од 6,1. Успехот ја зацврстува самодовербата. Стратегот Илиоски ги убедува играчите дека вредат и можат со секој ривал и стравот нема подлога. Паузата во првенството е добредојдена. Се користи за тренинзи и пријателска. Се вклопуваат новодојдените, голманот Христијан Сркески од Силекс, стоперот Стефан Иваноски од Победа јуниор, за врска Оливер Апостолоски реактивиран и Кире Талески од Германија. Наредниот меч е на 19 ноември со Металург во Скопје.

Елвис Асаноски

Семкар страда од казните

Тимот на 11 Октомври игра само на гости, поради суспензијата на теренот од ФФМ, а последиците ги има и популарниот семкар Елвис Асаноски. Продажбата на сончоглед, семки, пуканки драстично опадна. Без 11 Октомври страдаме сите, гледачите и јас со нив. Цела трибина се полнеше, фудбалот е убава забава. Се молам да ја избришат казната, инаку пропаѓам, оти и социјалното ми го укинаа – вели Асаноски, порано фудбалер на Зеленик и Пролетер. 11 Октомври вложи жалба за шесте меча казна, од кои три одработи во Струмица и Струга.

Loading