Вакцинацијата е илач против грипот

Интервју – Татијана Мургоска – Станимировиќ – епидемиолог

Компликациите можат да имаат смртни последици кај постарите

Покачена температура меѓу 38 и 40 степени, проследена со треска и потење, омалаксаност, главоболка, болки по целото тело, особено мускулите на рацете и нозете. Чувство на печење во носот, суво грло, болка во грлото, печење и болка зад градната коска, сува, надразнителна кашлица, а пред крајот на болеста кашлица со искашлување. Тоа се главно симптомите на грипот, кој се јавува во есенските, зимските, па и пролетните денови, кога температурите се променливи, односно дење се високи, а ноќе ниски. Секоја година се поставуваат прашањата како да ги избегнеме нападите на вирусите од грип, знаеме ли точно каква зараза се заканува.          На овие прашања одговори нуди специјалистот Татијана Мургоска – Станимировиќ – епидемиолог во Центарот за јавно здравје, каде околу илјада граѓани веќе презеле превентивни мерки за заштита од грип со вакцинирање,

Што е грип?

Грипот е акутно, заразно, лесно преносливо заболување на дишните органи, кое се јавува во вид на помали или поголеми епидемии. Грипот е најчеста причина за посета на лекарот во зима, за отсуствување од работа и од училиште, бидејќи редовно е проследен со покачена температура и тешка општа состојба, особено првите три дена.

Кој е причинител на грипот?

Причинител на грипот е вирусот на инфлуенца. Познати се три типа на овој вирус: А, Б и Ц. Вирусите на грип се подложни на мутации, кои се најизразени кај вирусите од типот А, заради што инфлуенцата од типот А се јавува во вид на помали или поголеми епидемии секоја година.

Кои се симтопмите од грипот?

Типичниот грип е краткотрајна болест, чии симптоми траат една недела. Се јавуваат еден до два дена после изложување на вирусот, а тие се покачена температура меѓу 38 и 40 степени, проследена со треска и потење, омалаксаност, главоболка, болки по целото тело, особено мускулите на рацете и нозете, потоа чувство на печење во носот, суво грло, болка во грлото, печење и болка зад градната коска, сува, надразнителна кашлица, а пред крајот на болеста, кашлица со искашлување

Какви се можните компликации од грипот?

Најважна компликација на грипот е воспаление на белите дробови. Може да се работи за бактериска инфекција или примарна вирусна пневмонија, која обично е тешка и често со смртен исход. Најчесто од воспаление на белите дробови заболуваат старите луѓе.

Кои се основни мерки за превенција?

Во зимските месеци препорачливо е почесто проветрување на просториите, избегнување на контакти со болни од грип, хигиена на дишните патишта, покривање на носот и устата при кивање и кашлање, а потоа миење на рацете со топла вода и сапун. На заболените им се препорачува изолација во домашни услови и избегнување на контакти со други лица. Овие мерки не се доволни за успешна борба против грипот. Најдобра заштита пружа вакцината.

Како дејствува вакцината за спречување на грипот?

Вакцинација против сезонски грип се препорачува на лица постари од 65 години, лица кои страдаат од хронични болести на срцето, белите дробови, бубрезите, дијабетичари без оглед на возраста. Со оглед на тоа што грипот се јавува во зимскиот период, од декември до март, за успешна вакцинација најдобро е времето во октомври, ноември. Секој може да ја прими вакцината против грип. Не смеат да ја примат единствено оние кои некогаш имале сериозна алергија на оваа вакцина или пак се алергични на јајца. Препорачлива е и на лица изложени на поголем ризик од инфекции, односно вработени во јавните служби, здравството, образованието, полицијата, војската, вработените во јавниот превоз и сл.

Вакцинација од грип за 400 денари

Во Прилеп вакцинација против сезонски грип се врши во Центарот за јавно здравје. Секоја година околу две илјади сограѓани, претежно хронични болни и постари лица, примаат вакцина против сезонскиот грип. Има и деца кои ја примаат вакцината на препорака од педијатар. Една доза вакцина чини 400 денари. Годинава Центарот обезбеди две илјади дози на вакцина од францускиот производителот “Санофи Пастер”. Вакцината е изработена според препораките на Светската здравствена организација и одлуката на Европската Унија за сезоната 2011/2012 година. СЗО има изготвено планетарен систем за следење на вирусите на грипот и се предвидува какви вируси ќе “гостуваат” сезонава. Информацијата е многу важна за фармацевските фирми, кои подготвуваат вакцина против грип. Но, не може да се предвиди бројката на заразени и до каде ќе стигне бранот на заразата.

Loading