Триаголен парк место плочник

Тука, пред прилепската гордост, исправената саат кула која се издига до небеса, се наоѓал парк во форма на триаголник. Впечатливиот облик, уште повеќе бил украс и мерак за очи, бидејќи во срцето на зелената трева, украсена со трендафили и други цвеќиња, се наоѓал и споменикот на првиот меѓу еднаквите, на херојот Мирче Ацев. На бетонска ограда со која бил заобиколен паркот, оние на кои им натежнал уморот, се починувале. Релаксирачката атмосфера ги разнежнувала намерниците, кои често минувале крај триаголникот… Не е чудно што “кормилото” од велосипедот понекогаш на минувачите ќе забегало “опиени” од глетката. Денес триаголниот парк го заменила сивата гранитна и мермерна маса со која е обложен градскиот плоштад. “Клокоти” урбаната фонтана во која водата се враќа и пак отскокнува. Подобрите познавачи на душата и физиономијата на старата чаршија се сеќаваат дека недостасува еден ред дуќани кои веројатно се урнати да да се прошири улицата кон ОУ “Кочо Рацин. А, тој, истопорениот паметник на сите ветрометини, прилепскиот саат, нема мака… се вишнее, ли се вишнее.

Loading