Нашинец во ритам со Џенифер Лопез во Лос Анџелес

Александар Цветаноски – Ачанот

Со вештини на каскадер, учествувал во масовна сцена на еден од филмовите Матрикс

Сонот да биде дел од славните и да стане придружник во некој спот на популарните ѕвезди од естрадата му појде од рака и му стана јаве на 27 годишниот прилепчанец Александар Цветаноски – Ачанот. Тој е дел од придружната танчерска група на спотот “Папи” на светската мега музичка ѕвезда Џенифер Лопез. Низ неколку кадри, Ачанот, како што го познаваат во Прилеп, а не им е познат по прекарот во Америка, се појавува во кореографската заднина на масовните сцени на естрадната дива во Лос Анџелес. Спотот со Лопез не е единствена музичка креација во САД. Бил дел од кореографската придружба и во спот на руска интерпретаторка. По првите чекори во танцовите, Цветаноски веќе посетува часови за актерство и за англискиот акцент за совршено да го владее јазикот, покрај шестгодишниот престој во САД. Инаку, Ачанот е и студент на спортски менаџмент на универзитетот Феникс. Агентка ми обезбедува конкурси и аудиции. Таа ми се јавува и ме упатува каде, кога и за што можам да конкурирам. Така се случи и за спотот на Џенифер Лопез. Таа испрати слика, а тие ме повикаат на интервју. За среќа, успеав да влезам да учествувам во спотот. Снимањето беше напорно и воопшто не беше лесно. Во Лос Анџелес се подготвуваме и снимавме цели два дена за неколку секунди. Имаше повторувања и слични акробатски зафати. Дел од спотот се снимаше и во Њу Јорк. Таму не бев. Имаше друга екипа. Во 2005 година учествував во масовна сцена во еден од филмовите Матрикс. Зад мене е и снимка за руска продукција во спот за руска ТВ ѕвезда. Кадрите се создаваа во САД – објаснува Цветаноски. Ачанот не го прелетал Океанот да биде дел од танчерска група. Лос Анџелес го заробил, го привлекла магијата на доминантната филмска индустрија на секој чекор. Вели дека на секој агол се снима и дека е сé подредено на филмот и забавата. Среќавал познати фаци од светот на филмот со обезбедувања и папараци. Секој го предизвикува атмосферата на Холивуд, на Лос Анџелес. Ретко кој може да одолее на импресиите. Кај мене се пробуди желба да бидам дел од тој свет на популарните. Одлучив да се подготвувам да газам по трнливиот пат во светот на филмот и забавата. Изгледа блиско, едноставно. Со првите зафати доаѓа соочувањето со реалноста, напорот, конкуренцијата, знаењето, талентот, кој е нужно да се надградува, да се совладуваат и откриваат финти и начини за отскокнување од многуте стандардни ривали. Можеби малку ми помогна знаењето стекнато на часовите по каскадерство – кажува Цветаноски преку скајп врска. Заминал на студентски престој во САД од факултетот за физичка култура во Софија. Основите во танцот и филмот ги стекнал со двегодишно посетување часови по каскадерсто во Софија, кај професор на Жан Клод Ван Дам. Се усовршувам и на полето на актерството. Посетувам часови по глума и совладување на американски акцент. Потребни им се луѓе кои говорат перфектно англиски и со акцентот, но и такви кои неакцентираат добро. Во меѓувреме студирам спортски менаџмент на универзитетот Феникс. Тоа да го следам финаниски, обезбедувам средства со работа во ресторан како келнер. Работата ми дозволува флексибилно време за посетување часови, за учества на аудиции, за плаќање трошоци за фитнес клубови за одржување на телото во физичка подготвеност и изглед. Кога сум слободен, пишувам и книга, од која, се надевам, ќе излезе добро сценарио за филм. Сакам да ја отпечатам во Македонија и да излезе македонски филм – пренесува Цветаноски. Младиот прилепчанец е на раскрсница меѓу филмовите, музиката и спотовите, од една страна, и спортскиот менаџмент, особено пингпонгот. Оти во Прилеп 13 години бил пингпонгар. Вели дека животниот пат ќе го вози на два колосеци, иако приоритет става на факултетот, без да го запостави актерството, зашто шансите се огромни.

Прилеп како Холивуд

Прилеп многу се гради, изгледа чист, уреден како во САД, како Холивуд, Лос Анџелес. Ова е мој впечаток од последниот престој летоска. Ми се допадна како се уредува и сум позитивно изненаден. Добро е тоа што се гради да се одржува, а граѓаните да не шкртаат, да не уништуваат. Прилеп е мојот роден град. Сум ги стекнал пријателите, другарите. Таму ми се родителите и роднините. Можеби би се вратил дома, на шест месеци, па пак половина година во САД – вели Цветаноски.

Црква во Лос Анџелес

Во главниот град на Калифорнија има стотина македонски семејства. Имаме православен храм што се посетува за празници и во недела. Таму се среќаваат многу млади. Не е голем храмот како на Западниот брег, но е пристоен и соодветен за собири. Последниве години дојдоа и останаа триесетина млади од Македонија. Имало некои постари прилепчани, но не контактирам. Нема населени помлади од Прилеп – вели Цветаноски.

Loading